Основна карактеристика на модерниот веб дизајн е тоа што шарените и натрупаните содржини веќе не се воопшто кул, и се заменети со едноставноста и естетиката.
Модерниот веб дизајн како никогаш досега не бил толку опседнат од едноставноста и потребата да се привлече публиката која користи смартфони. Затоа е битна респонзивноста на сајтот на мобилни уреди. Ви набројуваме 10 најмодерни трендови за веб дизајн во 2015-та, а кои секако ќе бидат актуелни и во следната 2016-та.
1. Минимализам
Едноставни логоа, фонтови и распоред на страната. Натрупаноста веќе не е кул. Едноставноста и минимализмот се повторно во мода. Многу страници едноставно почетната ја прават само една страница без можност за скролање. На таа страница има фотографија или видео во позадина, ударен текст, подтекст и едно до две копчиња. Горе е ставено менито со останатите страници.
Во однос на боите исто така минимализмот е во мода. Се бара една доминантна боја, која се комбинира со белата (или сивата, доколку сајтот е во темна варијанта) и максимум може да се додаде уште една споредна боја. Секако ова не се однесува на фотографиите на сајтот, каде не можете да ограничите на само 2 до 3 бои.
2. Скриено мени
Ова е тренд во последно време каде и менито се трга од страната и се става само една икона каде може да се кликне доколку сакате да ги погледнете останатите страници. Сајтот на https://www.uber.com/ е добар пример за ова.
3. Проѕирни копчиња
Шарените копчиња веќе не се во мода. Оваа година особено популарни кај дизајнерите се проѕирните копчиња, кои се бојат во друга боја кога ќе поминете над нив со курсорот на глушецот. Некои дизајнери и воопшто не ставаат таков таканаречен хувер ефект на копчињата, туку ги прават само проѕирни.
4. Интересна типографија и фонтови
Моментот кога едноставноста дојде во преден план, а разните додатоци и бои се тргнаа, типографијата дојде до израз. Интересните фонтови како open sans и roboto станаа многу популарни.
5. Квалитетни фотографии
Професионалните фотографии направени од професионални фотографи станаа многу барани од компаниите и дизајнерите. Едноставно со лоши и копирани фотографии, сајтот изгледа аматерски и евтино.
6. Паралакс ефект
Паралакс ефектот може да биде вертикален или хоризонтален, и едноставно ја збогатува едноставноста на веб страната на еден кул начин. Паралакс ефектот е добро прикажан на оваа веб страна. Така, кога вие скролате со кругчето на глушецот надоле, а сликата изгледа како да се движи нагоре или надоле (во зависност од скролањето).
7. Дизајн во форма на шаховска табла
Ова е особено популарно и корисно кај делот за портфолио и кај фотографиите. Наместо една голема фотографија и слајдер, може фотографиите да ги претставите како мрежа од повеќе фотографии, каде на секоја ќе може да се кликне за зумирање.
8. Линиски 2д икони
3д иконите повеќе не се во мода. Едноставноста, како што кажавме е приоритет на модерниот веб дизајн, а 3д иконите се карактеристика на комплицираноста и напумпаноста од претходниот период кога тие беа популарни. Денес многу познати дизајнери и компании користат исклучиво линиски икони за веб дизајн.
9. Вградување на Google maps
Вградените google мапи на еден веб сајт се многу корисна алатка, но и нешто што дизајнерски изгледа доста кул.
10. Вертикално поделени површини
Со поделеноста на одредени делови на сајтот, покрај тоа што се создава одличен визуелен ефект, туку и се создава можност за создавање и пренесување на две пораки на една страница т.е. колона. Едноставни слики со бел текст над нив, со фонт roboto, и едноставно копче за акција, е стилот за најмодерен веб дизајн, кој е типичен за 2015-та, и кој без дилеми ќе продолжи да биде популарен и во 2016-та.