Големиот психолог Карл Густав Јунг, ќе напише: „Најмалите работи што нудат значење (смисла) се поважни во животот од големите работи што не го нудат тоа“. Во оваа реченица на Јунг се крие и тајната за тоа што ќе биде вредно во маркетингот во 2016-та година.
Изминатава 2015-та беше година на наплив на различни маркетинг содржини: фотографии, видеа, графички дизајни, веб сајтови, банери, постери, билборди итн. Релативно намалените трошоци, но и новите мобилни технологии, им овозможија на компаниите да ги користат во зголемен обем сите тие можности за рекламирање и претставување на својот производ или услуга.
Претходната година имаше наплив од реклами. Можноста за релативно евтиното рекламирање на фејсбук беше уште една причина за тоа. Бевме преплавени со безброј реклами на фејсбук. Порталите и сајтовите се преполни со банери.
Но, маркетингот, исто така, подлежи на пазарните закони. Преголемата понуда на маркетинг содржини ја намали нивната вредност. Потрошувачите веќе научија како да ги заобиколуваат сите тие реклами, постери, банери и аматерски склопени видеа.
Во светските маркетинг кругови, маркетинг гуруата и експертите, оваа година се согласни, дека ерата на класичната реклама е завршена. Рекламата е мртва! Дојде времето на приказната!
Сега, во 2016-та започнува ерата на приказната, на креативната реклама. Читателите и гледачите научија како многу ефикасно да ги заобиколуваат класичните реклами. Но….. и тоа како вниманието им го задржуваат „реклами“ со приказна. Креативноста ќе биде суштинска во 2016-та!
Понудете им значење
Дали се сеќавате на рекламата на германска компанија за храна Едека, која за една недела се рашири низ целиот свет и која беше многу популарна. Приказната во неа, за дедо кој се обидува да најде начин да ги повика на вечера неговите деца и внуци, наиде на огромен позитивен ефект кај публиката.
Потоа приказната (рекламата) за вискито Johnnie Walker. Рекламата кај многумина предизвика емоции. И токму тоа е поентата на рекламата, да продре емотивно кај купувачот, а не само когнитивно.
Квалитетот е сеуште во мода
Со можноста секој да направи фотографија и видео со својот мобилен телефон, квалитетот на професионалните фотографи и продуценти повторно изби на површина. Потрошувачите добро знаат да препознаат квалитетна фотографија и видео на кое се посветило време во обработка и постпродукција.
Понатаму, многу веб сајтови денес, нудат можности за готови дизајни за логоа, но и можност самите да изработувате постери и флаери. Сепак, дури и лаичкото око на обичен купувач и потенцијален клиент, може да препознае евтин и аматерски дизајн, за разлика од професионален дизајн на постер, билборд, флаер, плакат или лого.
Истото се однесува и во однос на веб сајтовите. Многуте бесплатни темплејти овозможија со мало познавање на WordPress да изработите веб сајт. Но, сепак разликата од професионален веб дизајн до аматерски веб сајт е повеќе од очигледна. Има толку многу финеси и разлики што прашањето е дали вреди самите да губите време и енергија, или да дозволите професионалците да си ја завршат работата.
Наш совет за вашиот маркетинг во 2016-та
Колку што има вистина во тоа дека класичната реклама е мртва, толку е поточно и тоа дека маркетингот ќе биде многу важен во годината која следи. Но, тој маркетинг мора да биде креативен, проследен со приказна. Немојте да бидете старомодни и конвенционални, бидејќи конкуренцијата секогаш ќе биде чекор пред вас.
Организирајте некој настан. Со тоа индиректно ќе се промовирате. Директната и нападна реклама, потрошувачите ја одбегнуваат многу брзо. Но, приказната ја прифаќаат лесно и дури може и да ве споделуваат и рекламираат бесплатно.
Продрете до нивните емоции! Дајте им приказна, нешто што нуди смисла и значење! И секако, дајте им квалитет! Дури тогаш успехот на вашата маркетинг кампања ќе биде неминовен.