маркетинг трендови

4-те Најважни Трендови Во Маркетингот Денес

Маркетинг екосистемот се промени многу во последните 7-8 години. Тоа е факт. Новите авении кои се отворија за маркетинг професионалците и брендовите создадоа одлични возачи, но истовремено фатија и неколкумина неподготвени. Но, одличен возач е одличен возач секаде, нели?

Со претставувањето на смартфоните се измени целото поле на игра. Сега сите во рацете имаме алат кој е лесен за употреба и преку кој можеме да споделиме содржина со светот за само неколку секунди. Со помош на овие алати брендовите комуницираат со корисниците и обратно. Апсолутно нешто кон што треба да се стреми секоја компанија.

Секогаш ќе има и добри и лоши возачи на маркетинг авенијата. И секогаш ќе има место за паркинг, дрвја, пешачки премин и сообраќајни знаци. Тоа е константа. Исто како и маркетинг трендовите подоле кои се клучен дел од секоја маркетинг стратегија во последната деценија.

1. Маркетинг на социјалните мрежи

Интернет корисниците гравитираат кон социјалните мрежи во потрага по информација и интеракција, било за забава или за бизнис потреби. Со големиот асортиман на социјални мрежи кои им стојат на располагање на брендовите, но и со вистинските тактики може да се користат сите бенефити кои тие платформи ги нудат и сето тоа додека се гради брендот онлајн.

Социјалните мрежи се клучниот елемент кој им помага на корисниците да донесат одлука околу определен бренд. Брендираните профили на социјалните мрежи го шират гласот за својот бизнис и се рекламираат на постоечките и потенцијалните клиенти со помош на релевантна содржина.

Маркетингот на социјалните мрежи не е само објавување содржина колку да се рече дека се има објавено пост. Маркетингот на социјалните мрежи, како и секоја друга маркетинг техника, е комплексен процес и бара правилна стратегија. Потребно е присуство на повеќе платформи, константно создавање на содржина, оптимизација за пребарувачите како и менаџирање и мониторирање на сето тоа.

И не само што треба да се создава содржина, туку е потребно таа содржина да биде и приспособлива за секоја платформа, и на секаков екран. Да, зборувам особено за содржина која може да се конзумира на смарфон. Веќе не сме во ерата на телевизорот, таа избледува исто како ерата на радиото. Денес смартфонот е и телевизорот, и радиото. А социјалните мрежи се телевизиските куќи.

Употребувањето на социјалните мрежи за промоција на бизнис се покажува како успешно за ширењето на севкупниот раст на брендот и помага во зацврснување на бизнис концептот и неговото значење.

2. Маркетинг преку содржина

Брендовите му даваат се поголем акцент на маркетингот преку содржина кој комбиниран со маркетингот на социјалните мрежи успешно ги индексира и ги рангира компаниите во пребарувачите како Google и Bing. Но, не секој бизнис ја има разбрано важноста на маркетингот преку содржина.

Добар број од сопствениците на бизниси се заслепени од Facebook и мислат дека е исто што и веб-страница. Кога сите би мислеле дека фејсбук страница е исто како веб-страница, сите веб страници би изгледале исто.

Не е многу кул, нели?

Исто, ниту секојдневното интензивно постирање на содржина само на фејсбук е продажна техника. Тоа е спамирање.

Фејсбук е само едно парче од сложувалката, која се состои уште и од константен и насочен маркетинг преку содржина, клучни зборови, блог, Твитер, Гугл+, Линкедин, Пинтерест, Инстаграм и останатите платформи.

Маркетингот преку содржина претставува стратегиски маркетинг пристап кој се фокусира на креирање и дистрибуција на вредна, релевантна, и конзистентна содржина која има за цел да привлече и да задржи јасно дефинирана публика и идеално, да ја претвори таргет публиката во клиенти.

Значи, се работи за стратегиски пристап, наспроти рандом и несреденото постирање низ социјалните мрежи. Потребна е кристална јасност за тоа каква цел треба да биде постигната, и како самата содржина може да го донесе еден бизнис поблиску до целите на целокупната дигитална маркетинг стратегија.

Со помош на маркетингот преку содржина дефинираната публика добива вредност со која се одговараат добар број од прашањата за потребите, интересите и грижите на таа публика.

Маркетингот преку содржина е број еден причина заради која клиентите се задржуваат подолго на веб-страниците и социјалните профили и поради која тие читаат, лајкнуваат, прикачуваат и најидеално, споделуваат.

И маркетингот преку содржина го тера потенцијалниот клиент да преземе акција. Луѓето сакаат да работат со брендови кои ги разбираат. Тие им веруваат на препораките на своите пријатели. Маркетингот преку содржина ја отвора можноста за бизнисите да си го зголемат кредибилитетот со креирање на пораки кои демонстрираат како производот или услугата создава позитивен ефект во животот на клиентот.

3. Маркетинг содржина за мобилни уреди

Сеуште не е разјаснето зошто огромен број на бизниси не фатија чекор со маркетингот на смартфони. Создавањето и оптимизирањето на содржина за мобилни екрани е клучот за успешен маркетинг денес. Повеќе од половина корисници на интернет низ светот прегледуваат содржина, примаат/праќаат мејлови и шопингуваат од смартфон, што е јасен показател за незаменливиот статус кој оваа направа го стекна кај корисниците.

За прв пат во историјата на бизнисот, на маркетинг професионалците им е овозможено да допрат до таргет клиентот во било кое време, 24/7. Затоа еден бренд треба да бидат подготвени за интеракција со корисникот кога корисникот тоа го сака – било тоа да е за шопинг, услуга, информација за производот. Тоа е формулата за успешно корисничко искуство денес.

На глобално ниво, интернет сообраќајот на мобилни направи е поголем од интернет сообраќајот на десктоп и лаптоп компјутери, па со тоа и брендовите сфатија каде треба да ги трошат парите за рекламирање. Експертите предвидуваат дека 72% од тоталните инвестиции во дигиталното рекламирање до 2019 ќе бидат наменети за флексибилна содржина.

За оние бизниси кои се чекор назад со мобилниот маркетинг, прва работа која треба итно да ја направат е редизајн на својата веб страница со тоа што истата ќе се претвори во респонзивна. Веќе е јасно дека Google ги казнува нереспонзивните веб страници со понизок ранг на пребарувачот. А тоа значи изгубени пари и загубени можности за продажба секојдневно. Затоа се започнува со респонзивна веб страница, како темел на дигиталниот маркетинг.

Лесно е да се биде преплавен од можности за инвестирање во содржина која е оптимизирана за мобилни уреди, но најлошото што може да го направи еден бизнис е да не превземе ништо.

4. Визуелен маркетинг

Визуелната содржина е новото црно. Се започна со Facebook и YouTube. Потоа дојде и Pinterest, Instagram, Vine, Periscope, Snapchat итн. Сите овие платформи успешно ја инкорпорираат визуелната содржина. Заедно со 4G интернетот и оптичката конекција, високо квалитетната визуелна содржина (HQ фотографии и видео) е она кое привлекува најмногу внимание од корисниците.

Ако се постави прашањето која содржина добива најмногу лајкови на социјалните мрежи, одговорот го знаат и малите деца. До само пред неколку години брендовите можеа да се извлечат и со еден твит, или статус на фејсбук. Денес секоја социјална мрежа е преплавена од видеа и фотографии. Шансите да се успее без визуелна содржина се само сведени на теорија.

Да ја погледнеме и статистиката. Огромни 66% од сите постови на социјалните мрежи се или вклучуваат фотографии. Повеќе од половината интернет корисници постирале оригинални или споделувале видеа.

На Facebook корисниците споделуваат преку 350 милиони фотографии дневно, не вклучувајќи ги фотографиите на Instagram. Исто така и Snapchat е блиску, со тоа што 65% од корисниците споделуваат 350 милиони фотографии дневно. Визуелната содржина е споделувана 35% повеќе од невизуелната.

Генерално, на секоја маркетинг алатка и е потребна визуелна содржина. Содржината која вклучува фотографија добива 94% повеќе прегледи од содржината која има само текст. Не е важно за која индустрија или ниша се работи, фотографијата е екстремно важна.

Визуелната содржина успешно му помага на брендот во својот раст онлајн. Со помош на визуелната содржина брендовите полесно го добиваат вниманието од корисниците, а со тоа репутацијата им расте на тој начин што се јавуваат се повеќе обожаватели на брендот кои се ангажирани на социјалните мрежи и ја покажуваат својата страст кон истиот.

Заклучок

Срцето на успешниот бизнис денес лежи во добрата маркетинг кампања. Маркетинг чадорот освен трендовите погоре ги покрива и целокупниот пи-ар на еден бренд, неговата промоција и продажбата.

Без добро смислена маркетинг кампања, и најдобриот производ на светот нема да допре до потенцијалниот клиент. Ниедна спортска облека досега нема изградено бренд како Nike. Но, иако Nike е бренд кој е препознатлив и без помошта од дигитален маркетинг, сепак таму исклучително сериозно ја сфаќаат важноста на играта и успешно ги имплементираат сите маркетинг трендови во своите кампањи. Кога се зборува за маркетинг кампања, се мисли на здрав микс од маркетинг трендови и алати кои му се потребни на брендот за успешно да мине низ маркетинг авенијата, и со кои еден бизнис станува конкурентен и ефикасен на пазарот.

Save

Save

Save

You May Also Like

Previous Post
Изработка на Веб Страница: 5 Причини Зошто
Next Post
Како собравме 122 емаил адреси за 5 дена