Антиципација на иднината

По пауза од точно 5 и пол месеци конечно повторно најдов време да напишам еден текст на блогот на Тивиус. Ме инспирираа зборовите на филозофот Пол Тилих во врска со иднината:

Ниту една способност на човечкото суштество, ниту еден негов капацитет, не е толку фасцинантен, но и суштински за него, како способноста да го трансцедентира сопствениот живот. Само човекот може да го напушти непосредниот реалитет – затвореноста во сетилната даденост на времето и просторот – и дури, од таа фиктивна сфера, во која пронашол засолниште, да изгради една стварност што далеку посилно ќе влијае врз неговиот живот, од самата „стварна стварност“.

Така, од името на некои идни планови и проекти, кои ги нема никаде освен во неговата имагинација, човекот е готов да го преобликува светот така што сите нешта во него ќе бидат усогласени со тие планови и проекти…

Антиципацијата на иднината е особина и способност уникатна за сапиенсот (или модерниот човек како што денес го знаеме). Токму таа особина го направила човекот супериорен во изминатите илјадници години еволуција, т.е. од почетокот на когнитивната револуција (моментот кога е роден сапиенсот) па се до денес.

Но, оваа особина и способност на човекот не само што е уникатна за него, таа е и неопходна за развој на една личност.

Карл Јунг, во својата книга „Човекот и неговите симболи“ (Man and his symbols), ќе напише дека како што постои хигиена на телото (миење, туширање, трчање, вежбање итн.), така постои и ментална хигиена (или хигиена на психата), а тоа е кога си поставуваме јасни и конкретни цели и работиме кон остварување на тие цели.

Една кратка приказна

Да ви раскажам накратко една приказна за едно момче кое има некаде 23 години и тукушто магистрираше. Чувството на страв и несигурност за иднината ги обзема сите негови сетила и мисли. Што сега, е прашањето кое си го поставува? Неколку месеци тие чувства преовладуваат… работа тешко се наоѓа, очекувањата од општеството, од родителите, од самиот себе се големи… следува период од неколку месеци несоница… телото е уморно, но мислите не прекинуваат… Што сега, е прашањето?

И тогаш, на еден пролетен ден, преморен од неколкумесечната несоница и борба со секаквите мисли, прелета една мисла… Една желба… Желба која стана толку јасна како ден. Самата нејзина помисла влеваше во него сигурност и смелост. „Да, тоа е она што сакам да го правам“ – си помисли момчето. И таа мисла му влеа самодоверба, желба за живот и за борба.

Си рече: „еден ден во следните 5 години ќе имам сопствена компанија“. Наредните денови и недели следуваа детализирања на таа мисла која влеваше смиреност и страст во исто време. Тоа беше одговорот на прашањето „Што сега“ кое месеци и месеци создаваше несоница и очај кај него.

Но, момчето не знаеше ништо во врска со претприемаштвото, никој не го научил. Ниту факултетот, ниту општеството, ниту родителите… Но, знаеше дека тоа е она што сака да го прави. Плановите беа поставени. Но, мораа да поминат уште 4 години пред таа мисла да се реализира во стварност. Во меѓувреме момчето мораше да учи. Но не на факултет. Туку од курсеви, од книги, од разговори со луѓе кои имаа некакви познавања во таа сфера…

Мораше и да работи други работи, кои повеќе или помалку придонесоа кон тој процес на учење и собирање искуство со цел доаѓање на целта. А целта секако беше отварање на сопствена компанија. НЕ правење милион долари/евра, НЕ создавање супер успешна компанија со 100 или 1000 вработени, туку едноставно отварање на сопствена компанија и започнување на одржлив сопствен бизнис.

Кога таа цел се оствари после неколку години, следуваа и други цели. Поконкретни, појасни. Секоја нова цел даваше нова страст и самодоверба. Патеката веќе беше поставена. Формулата откриена. Си поставуваш долгорочна цел на 5 или 10 години, среднорочни потцели на 2-3 години и краткорочни цели на година или на неколку месеци.

Понатаму создаваш планови за тие цели. Сега толку едноставно пред 5-6 години сето ова не го размислував вака.

Можеби веќе насетувате, приказната е за мене, но може да се вклопи и во приказната на барем уште 50-тина пријатели претприемачи, кои ги познавам и кои поминале токму низ истата животна приказна.

Создавањето цели е континуиран (never ending) процес

Создавањето цели и работењето на нивно остварување е она што ни дава енергија и желба за работа. Таа еволутивна придобивка од когнитивната револуција, која ја „добиле“ нашите предци и ни ја наследиле нам, не само што е можност, туку и неопходност за психички здрав и исполнет живот.

Многумина минуваат месеци и години низ животот водени од случајни моменти и настани. Сите сме поминале низ такви периоди, но многумина за жал долго време, некои дури и цел живот, остануваат водени од случајностите на животот, а не од целите кои си ги поставиле, а кои поттекнуваат од желба која им дава подлабока смисла.

Остварувањето на целите понекогаш бара и тешки компримиси

Се согласувам дека кон остварувањето на целите треба да бидеме водени од принципи и вредности. Ако мојата цел на 23 години барала да измамам на некаков начин 5, 10 или 15 луѓе, во одреден период на патот кон остварувањето на целта, тогаш таа моја цел се коси со вредностите и принципите во кои верувам и тогаш сигурно би размислил за ревизија на мојата цел.

Но, остварувањето на целта често бара и компромиси, некои полесни, а некои потешки. Дали можеби да работиш работа која не ја сакаш, со цел да заработиш приход за да може во иднина да инвестираш во она што сакаш да го работиш, или дури ако гледаме и на ниво на држави можеби тоа би бил тежок договор кој една држава мора да го направи со цел да обезбеди подобра иднина за своите граѓани.

Како се замислуваш во 2028ма година и како го замислуваш твојот град и држава во 2028ма?

Се уште се сметам за млад, неискусен, и далеку од мудар да давам совети, но она што го научив до сега во животот и она што е потребно за секој човек е поставувањето на цели во животот. Цели кои се што поконкретни и што појасни.

Замисли се себеси како изгледаш во 2028ма. Каде се наоѓаш? Што правиш? Кои луѓе се околу тебе, а кои не? Како изгледа твојот град, твојата држава?

На крај, сите може да влијаеме многу за тоа каде ќе се наоѓаме во животот за 10 години. Животот не е само низа од случајни настани кои не водат во маглата наречена животен тек… туку е и креирање цели, планирање и нивно остварување…

Ова психолозите го нарекуваат внатрешен локус на контрола. Кога веруваме дека можеме да влијаеме на патеката на нашиот живот. Тогаш имаме поголема самодоверба, полесно дишеме, повеќе сме смирени.

Но и не само на нашите животи, туку и на животите на илјадници други луѓе кои ги познаваме или не ги познаваме. Верувањето во можноста да сами си ја креираме сопствената иднина, влијае и да веруваме дека може да влијаеме и врз иднината и состојбата во која се наоѓа нашето место на живеење, нашиот град, или нашата држава.

Токму затоа зборовите: „Така било пишано“, „од пишано нема бегање“, се најштетните зборови и мисли во кои може да верува една личност. Верувањето во тие зборови ја потценува и поткопува еволутивната способност и потреба на човекот да го трансцедентира и антиципира сопствениот живот и да креира цели, чие остварување ќе му даваат смисла, но и ментален еквилибриум.

Автор: Благој Ѓелевски

You May Also Like

Previous Post
7 Основи на Дигиталниот Маркетинг за 2018
Next Post
Од маркетинг автоматизација до поголем успех за твојот бизнис