ogranicuvanja i regulativi za vestackata intelegencija

Дали се потребни ограничувања и регулативи поврзани со развојот на вештачката интелегенција?

Според мене, одговорот на прашањето поставено во насловот на овој пост, е ДА. Треба да има одредени ограничувања и регулативи поврзани со развојот на вештачката интелегенција. Секоја нова технологија која има потенцијал да влијае значително врз општествениот живот треба да биде регулирана и ограничена во насока да се развива за бенефит и за добробит на човештвото. Како што имаме строги регулативи и ограничувања за нуклеарната технологија, за биоинжинерингот, но и за други технологии, каде ризикот од злоупотреба и негативен исход за човештвото е огромен, така треба да биде и за ВИ.

Фрапиран сум, а во исто време и загрижен, од тоталната неодговорност на одредени компании, влади и лица на високи позиции на најмоќните држави во светот, кои изминативе неколку недели и месеци почнаа да ги тргаат сите ограничувања поврзани со развојот на ВИ.

Точно е дека регулативите и ограничувањата, многу често знаат да влијаат негативно на иновациите (да го парафразирам американскиот потпретседател Џ.Д. Венс во неговиот говор на самитот за ВИ во Париз, одржан пред само неколку дена). Сепак тоа не значи дека компаниите и државите треба да се предадат кон една безумна трка кон развој на ГВИ (Генерална Вештачка Интелегенција), налик на трката за нуклеарно вооружување од времето на Студената Војна.

Zero-sum game и трката кон самоуништуваше

За жал, моментално работите изгледаат така. Старо-новиот претседател на САД, Доналд Трамп, неодамна ја укина извршната наредба на претходната администрација и претседател Џо Бајден, која им наложуваше на организациите и компаниите кои развиваат системи за вештачка интелигенција, кои претставуваат ризик за националната безбедност, економијата, јавното здравје или безбедноста на САД, да ги споделат резултатите од безбедносните тестови со американската влада, пред да бидат објавени во јавноста.

Понатаму, пред само 10-тина Google го тргна ограничувањето да развива ВИ за потребите на воената индустрија.

Фасцинира нивото на заслепеност и неодговорност на политичките елити, како и неможноста да учат од историјата со цел да не се повторуваат истите грешки од минатото. Разумот како да е исплашен и скриен некаде, што подалеку од налетот на техно-олигарсите и самобендисаните светски лидери и автократи, кои се заслепени од примамливоста на општествено-политичката моќ и влијание.

Основачите на Институтот за иднината на животот (Future of Life institute), во еден неодамнешен труд, аргументираат за ризиците од развојот на генерална вештачка интелегенција (или AGI), која се дефинира како „Високо автономен систем кој ги надминува луѓето во сите работни позиции кои имаат економска вредност“.

Е сега, замислете кога некој треба да гради зграда, или дури и обична куќа, колку само дозволи и документи му требаат. Од анализа на стабилноста на земјата за потенцијални земјотреси, па до инжинерска студија за стабилноста на градбата, до влијанието врз екологијата итн. Но, ако сакате да развивате вештачка интелегенција која потенцијално може да ги загрози работните места на секој еден од нас, и која може самостојно да учи и да се развие до степен да не можеме да ја разбираме и контролираме, и да има цели различни од тие за добробит на човештвото, не ви требаат никакви дозволи и немате никакви ограничувања. Потребни ви се само доволен cloud простор и добар machine learning алгоритам кој ќе го тренира моделот. Звучи неразумно, дури и апсурдно нели?

Но, логиката на политичките и бизнис елити кои моментално се впрегнати во оваа трка за помоќна ВИ и вооружени системи контролирани од ВИ (кои во еден момент може и самите да не може да ги контролираат), е дека ако тие не го направат тоа, ќе го направи некој друг (Кинезите, Русите или некој трет), и со помош на таа супер вештачка интелегенција ќе ја наметне својата моќ врз нив и ќе ги порази.

Се враќаме во времето на zero sum game, безумна трка кон дното, која носи огромни ризици да го уништи човештвото. Барем некој да ги научи некоја лекција од историјата или барем да им ја покаже теоријата на Нешовиот еквилибриум и нејзината главна хипотеза дека најдобриот резултат доаѓа кога сите работиме не само за себе туку и за групата (човештвото во овој контекст). Зарем треба да се случи пандан на Чернобил, за да ги сфатиме вистинските ризици од неограничениот и неконтролиран развој на ВИ?

ВИ може да има огромен позитивен ефект врз развојот на човештвото, но само ако се развива правилно и внимателно

Читајќи го ова до сега, можеби ќе заклучите дека сум еден од оние Лудити, кои се целосно против развојот на вештачката интелегенција. Но, тоа е погрешен заклучок. Јас сум подржувач на технологијата и секако на развојот на вештачката интелегенција. Искрено сметам дека ВИ има таков преобразувачки потенцијал, кој може да не однесе во едно златно доба на човештвото, каде досадните работни позиции нема да постојат и ќе бидат заменети од AI агенти, ќе бидеме стотици пати поефикасни и попродуктивни, многу од болестите ќе бидат искоренети, и ќе постигнеме невиден прогрес во енергетиката, транспортот, медицината итн.

Дури мислам дека и развојот на ГВИ (AGI) не е сама по себе погрешна цел и лоша идеја. Доколку тоа се направи за еден подолг временски период, имплементирајќи безбедносни мерки и практики, кои ќе осигураат дека целите на таа супер ВИ, нема да бидат различни од нашите, од тие на човештвото. Дека таа ВИ ќе ги споделува нашите морални вредности, нашите слободарски уверувања и пред се како примарна вредност, ќе го цени и унапредува животот и благосостојбата на секоја една индивидуа.

Одредницата за развој на AGI, креирана од François Chollet во 2019та година, моменталните модели на ВИ, ја достигнуваат до 85%. Многу научници од сферата на ВИ, проценуваат и предвидуваат дека генерална вештачка интелегенција би се постигнала некаде во наредните 5 до 10 години. Значи интелегенција која би била подобра од човекот во сите сфери.

Во трка сме, и забрзано развиваме нешто што можеби нема целосно да го разбираме и контролираме. А алчноста за моќ и престиж на моменталните политички и бизнис елити, не влева надеж дека таа супер технологија ќе биде искористена за бенефит на човештвото, за бенефит на сите нас.

Што може да направиме?

Но, ајде да не звучиме како некои дефетисти, кои само предупредуваат, а не нудат никакви решенија. Што треба да се направи? Или поточно, што може ние да направиме како индивидуи, кои немаат скоро никаква моќ за одлучување поврзани со ова?

  • Да се едуцураме

Како индивидуи, најважно е да го тргнеме превезот на незнаење кој моментално ни ги покрива очите, создаден од напливот на дезинформациии по порталите, кои гладни по кликови, намерно или ненамерно шират погрешна претстава за работите. Мора да научиме да разликуваме невистини, полувистини и вистини. Да создадеме капацитет за критичко размислување.

  • Да се организираме

Да организираме отворени настани, дебати и дискусии поврзани со оваа тема. Можеби некој има да сподели некоја перспектива која досега мисловно не сме ја конципирале и разгледале.

  • Да зборуваме и пишуваме

Темата мора да биде отворена за дискусија. Кога животите на сите нас ни зависат од ова, мора да се слушне гласот на секоја единка, аргументот на секое малцинство. Впрочем нели тоа е демократијата. Не може одлуките за иднината на целото човештво да ги носат неколку извршни директори во технолошките гиганти, кои некои популарно ги нарекуваат техно-олигархија.

  • Да ги користиме ги постоечките AI алатки и технологии

ВИ може значително да ви ја подобри ефикасноста во работењето. Не гледам зошто да не се користат сите овие алатки за подобрување на продуктивноста и за замена на некои повторливи задачи.

Што треба да направи Владата и институциите?

Сметам дека Владата треба да создаде неформална агенција, со тим од професионалци во оваа сфера, кои будно ќе ја следи состојбата и понатамошнито развој на ВИ и ќе предлагаат мерки и идеи, кои како примарна цел би ја имале безбедноста на граѓаните. Понатаму, иако лично сум критичен кон тромавата и неефикасна ЕУ и посебно кон нејзината бирократија, во овој случај сметам дека нашите власти треба да ги следат политиките и регулативите на ЕУ, кои се на еден начин пионери во оваа област и го имаат создадено EU AI Act, како прв сеопфатен закон кој го регулира развојот на Вештачката Интелегенција, во насока да се развива во корист на човештвото.

Дебатата продолжува…

Темата е актуелна и дебатата за оваа тема продолжува. Секој од нас може да го даде својот придонес. Токму и овој мој текст е во таа насока. Неопходно е да започнеме јавна дебата и да ги демистифицираме сите небулози, невистини и полувистини кои се поврзани со оваа актуелна тема.

Имам впечаток, дека се создава еден наратив дека работите се или црно или бело. Или го ограничувате развојот на ВИ со закон и  ги стопирате иновациите, или имате големи иновации во оваа сфера. Тоа е тотално погрешна хипотеза.

ВИ може целосно да се развива и да се иновира, но следејќи ги ограничувањата за безбедност и осигирувајќи се дека ВИ ќе работи за наш бенефит, а не за бенефит на неколкумина или за свој бенефит (во случај да развие потенцијална свест и цели и вредности тотално различни од нашите).

Автор: Благој Ѓелевски

* Ставовите во овој пост не ги одразуваат официјалните ставови на компанијата, туку се лични ставови на авторот.

You May Also Like

Previous Post
Tivius’ Web Design Process
Next Post
Ерата на новите AI агенти и автоматизации