Есхатолошката вредност на поразот

„Во ред е да доживееш пораз. Тоа е дури и неопходно за да созрееш. Модерново општество создаде вештачки идеализам каде се величаат само успесите и победите, а на поразот се гледа како на нешто непотребно, како на слабост…

… Личност која не ја почувствувала горчината на поразот е некомплетна личност. Младите мора да научат дека и поразите се неопходен дел од нивното созревање и станување комплетни индивидуи, спремни да се соочат со било какви предизвици во животот.“ – се присетувам на зборовите на ценетиот професор и офицер, Методија Хаџи Јанев, од едно ланско предавање.

Според Јунг, психата има вграден инхерентен механизам. Тоа е процесот на индивидуализација. Целта е создавање комплетна личност.

Целиот тој процес е исполнет со дуалитет, судир меѓу Јин и Јанг внатре во психата. Тоа го движи тркалото. Неизбежен дел, или едната страна од тој дуалитет, се поразите. Тие се оние кои го прават движењето, напредокот.

Не се срамам да признаам, сум доживеал многу порази во животот, и знам дека допрва ќе доживувам уште повеќе, имајќи ја во предвид патеката која ја одбрав. Но, и горд сум во исто време, што научив да станувам после секој пораз, и да продолжам посилно.

Без разлика дали на професионален план, на личен план, или на било каков друг план, неуспесите и поразите ќе доаѓаат. Разликата е во тоа дали ќе ја одберете изгазената патека, или самите ќе создадете своја! Можеби готовата патека нема трње, рамна е, едноставна… но во неа нема ниту авантура, ниту акција.

Гледајќи наназад низ сите проекти кои ги започнав, можам да заклучам дека некои завршија успешно, други делумно успешно, трети сеуште се во тек, а четврти завршија неуспешно. Но, таква е патеката исполнета со трње, со критицизам и општествена скепса. Не е тоа патеката на наоѓање сигурна работа, сигурна стипендија, сигурна плата или било што сигурно…

Тоа е целосно неизвесна патека, патека поплочена со порази. Тоа е патеката на претприемаштвото.

Винстон Черчил, еднаш рекол дека „успехот значи одење од неуспех кон неуспех без губење на ентузијазмот“. Звучи парадоксално и нелогично нели. Но, друга е логиката на животот.

Повторно доаѓаме до дуалноста и анимозитетот помеѓу сигурноста и слободата, вечното Хобсово прашање. Но, за креативноста нема правила, сигурноста е џелатот на иновативноста, креативноста, генијалноста…

Иновативноста, креативноста и генијалноста се „сочни капини“ кои растат веднаш до „патеката со трњето“. Изгазената патека на сигурноста, е пуста, исполнета со прашина и ништо друго. Тоа е репетитивноста на секојдневието. Живот, копија на други животи. Дури и најголемо достигнување одејќи по изгазената патека, не може да се споредува со најмало достигнување остварено на патеката со трње и капини. И не, ова не е никаков изговор за оние кои одат по трнливата патека. Тоа е непобитен факт.

Општество кое ги осудува неуспесите како лоши сами по себе, е труло и истрошено општество. Општество кое го стимулира сигурниот, наспроти креативниот и несигурен пат на еден поединец, е осудено да тоне во сивилото на просечноста и медиокритетот.

А, несигурниот пат, е пат исполнет и со порази, со неуспеси. Не е конечното достигнување (добра плата и солидна работа) она што е мерило за успех според мене… Туку е способноста да се влезе во „арената“ и да се сонува, да се оди по неизгазената патека… патеката со трње и капини.

Колумната е објавена на 30.10.2015 година од истиот автор.

You May Also Like

Previous Post
Од маркетинг автоматизација до поголем успех за твојот бизнис
Next Post
Зошто на твојот маркетинг му е неопходна лендинг страна?