Денес скоро секоја компанија има своја фејсбук фан страна. Но, ретко која од нив знае правилно да ја користи за зголемување на продажбата и добивање нови клиенти.
1. Нека биде едноставно
На врвниот ренесансен уметник Леонардо Да Винчи, му се препишува реченицата: „Едноставноста е врвната форма на софистицираност“. Вашата слика на профил, како и вашата кавер слика мора да бидат едноставни. За профил доволно е само логото на вашата фирма или организација, а за кавер или името или вашето мото/слоган.
Фејсбук фан страните на NIKE и NIKE AIR MAX се одличен пример за тоа. Погледнете ја и фејсбук фан страната на ТИВИУС Продукција. Заедничко за овие страни е едноставниот дизајн и изглед, кој веднаш го потенцираат брендот. Доколку имате премногу текст или слики, со премногу различни бои, вашиот бренд ја губи силината на пораката.
2. Пронајдете ја правата публика
Што мислам под „права публика“. Па едноставно тоа се оние кои се потенцијални клиенти. Доколку продавате врати за куќи и станови, права публика за вас би биле семејства кои имаат деца и кои или купуваат и се вселуваат во нов стан/куќа, или го реновираат стариот стан или куќа.
Доколку продавате женска облека, потребна ви е таа публика. Фејсбук има одлична опција да ја таргетирате преку реклама, специфичната публика која ви е потребна.
3. Не е сѐ во бројот на лајкови
Софтверската компанија 1000 Minds од Нов Зеланд, на својата фејсбук фан страна (која by the way изгледа одлично) има вкупно 102 лајка. Да да, добро чувте, 102 лајка. Но, компанијата има клиенти од типот на Боинг, Австралиската и Новозеландската влада, разни универзитети и болници низ светот итн. и прави огромен обрт на пари. Што е заклучокот? Светот не се врти околу фејсбук! Колку и да е популарен фејсбукот денес, тој е само една платформа и еден начин за маркетинг. А постојат милион други и поефективни.
Затоа не ја фокусирајте целата ваша енергија на фејсбук, туку пробајте директен маркетинг, е-маил маркетинг итн.
4. Понудете им нешто интересно и корисно
Видете, да бидеме искрени, никој не го интересира вашиот производ или услуга како такви. Секој си го поставува прашањето што јас ќе добијам со тој производ или услуга? Како тоа ќе реши мој проблем? Ваша цел е да го нудите решението кое тие го добиваат, а не производот или услугата, кои ги продавате.
Доколку вашите постови на фејсбук се вртат само околу тоа што продавате и слично, ќе имате многу мал интерес од публиката. Бидете креативни, пишувајте статии поврзани со вашиот продукт или услуга. Немојте секогаш да се нудите директно. Дајте им бесплатен совет. Ако тоа им се допадне и им помогне, големи се шансите тие луѓе да станат ваши клиенти.
5. Фејсбук е одличен за малите компании
Добивате шанса да се рекламирате за многу малку пари и да допрете до огромна публика. Фејсбук е одличен за малите бизниси со ограничен број на средства, но повторно, мора да се таргетира правата публика за вашиот бизнис. Потребни ви се „квалитетни“ лајкови, а не само квантитет од лајкови.
6. Побарајте фидбек од фановите на вашата страна
Напишете интересна статија на која ќе се коментира и дебатира. Прикачете интересна и оригинална фотографија или видео, кои ќе поттикнат дебата и интерес. Создадете натпревар или конкурс, кој ќе ги активира фановите да ви дадат фидбек и свое мислење. Со тоа ќе видете каде може да се подобрите.
7. Постирајте интересни и оригинални фотографии, видеа или текстови
Немојте да копирате фотографии, видеа или текстови. Колку и да се интересни, доколку не се ваши уникатни, тие нема да имаат голем ефект. Пробајте барем половина од содржините на вашата фејсбук фан страна да бидат ваши оригинални содржини. Дури и не мора секојдневно да објавувате нешто. Правете го тоа 3 пати неделно, но барем со ваши оригинални содржини. Така ќе постигнете поголем ефект, отколку секојдневно објавување копирани содржини.
8. Дајте им мамка на вашите фанови
Целата поента на фејсбук фан страната е како фановите да ги претворите во клиенти. Како и во риболовот, мора да започнете со мамка. Дајте им гратис купони, организирајте натпревари со интересни награди итн. Дајте им, исто така, причина да ја споделуваат вашата страна. И во овој дел, исто така, може да организирате некој креативен натпревар или конкурс.