Како собравме 122 емаил адреси за 5 дена

Не секој посетител на твојата фејсбук страна или на твојот веб сајт, е потенцијален купувач. Некој можеби дошол на линкот од чиста љубопитност, или едноставно кликнал по грешка.

Затоа, главен предизвик на оние кои се занимаваат со маркетинг е како да ги филтрираат потенцијалните купувачи од оние кои не е многу веројатно дека ќе купат од продуктот или услугата кој се нуди и продава.

Постојат повеќе начини и методи да се направи тоа. Ние во оваа статија ќе ви откриеме неколку активности кои ние ги направивме за еден наш клиент (Туристичка Агенција Екстра Бус), со цел да ги исфилтрираме потенцијалните купувачи, и подоцна да ги таргетираме засебно од останатите посетители на сајтот.

Дадете им можност доброволно да се пријават

Зарем постои поефикасна техника за филтрирање на потенцијалните купувачи, од останатите, ако не можноста да им се остави самостојно и доброволно да се пријават.

Како ние го спроведовме ова во пракса?

Прво, инсталиравме pop up додаток, кој се активира само кога посетителот на страната се обидува да си замине од сајтот. Овој trigger или активатор е познат како exit intent.

Така, на овој начин на посетителот му се нуди можност да остави емаил адреса на која ќе ги добива најновите попусти од агенцијата, како и last minute понудите за лето 2017.

Оние кои навистина се заинтересирани за летните аранжмани поверојатно е дека ќе остават своја емаил адреса, отколку оние кои не се заинтересирани.

Понатаму, сличен ваков додаток ставивме и на десната страна од сајтот, каде посетителот, исто така, може да остави своја емаил адреса доколку е заинтересиран за newsletter од страна на агенцијата.

Овие додатоци беа поврзани со нашиот account на MailChimp преку API Key и List ID. На тој начин мејловите кои беа внесувани во овие полиња, директно доаѓаа на мејлинг листата на Екстра Бус.

Со цел да го зголемиме сообраќајот на сајтот, почнавме да пишуваме интересни статии за туристичките аранжмани, кои беа спонзорирани на фејсбук. Првата статија за три дена имаше над 500 посети.

Исто така, објавуваме и креативни графички дизајни на фејсбук фан страната на агенцијата.

Смислете креативна кампања

Сепак, најголемиот фактор кој влијеше за да собереме 122 емаил адреси за само 5 дена, беше една креативна кампања која ја започнавме, и која беше нешто поразлично од она што што прават останатите туристички агенции во Македонија.

Пред точно 5 дена започнавме кампања со анкета/квиз со наслов: „Откриј кој е идеалниот одмор за тебе ова лето“.

Идејата на квизот беше да преку 5 филтер прашања посетителот дознае која е неговата омилена дестинација за ова лето.

На крајот од квизот, пред да ги добие резултатите, т.е. локацијата каде што според одговорите, треба да патува ова лето, посетителот требаше да остави емаил адреса.

Од тие што го решиле квизот, емаил адреса оставија околу 20%, што е одличен процент. Тие 20% со тоа што оставиле емаил адреса, покажале дека навистина се заинтересирани да дознаат за нивната совршена дестинација за летување за лето 2017. Ова беше уште еден ефикасен филтер да се пронајдат заинтересираните купувачи.

Емаил адресите, исто така, беа поврзани со MailChimp account-от и автоматски се префрлаа на листата на Екстра Бус.

Па 122 емаил адреси и не е така голема бројка?

Можеби некој ќе рече, па 122 емаил адреси и не се многу. Можам денес да седнам на Златна Книга и да извадам барем 500 емаил адреси.

Да може да извадите 500 емаил адреси собрани случајно, но голема е веројатноста тие да немаат никаква врска со она што го продавате. Можеби ниту еден од тие лица не е заинтересиран за туристички аранжмани за лето 2017.

Нашата листа за Екстра Бус од 122 емаил адреси, можеби компаративно и не е така голема, но е и тоа како вредна, бидејќи е фокусирана и се состои од лица кои покажале интерес за услугата која ја продава агенцијата.

Заклучок

Кога водите маркетинг кампања, немојте да се фокусирате на апсолутните бројки. Побитен е процентот од таа бројка кој би купил од вас. Затоа филтрирањето на потенцијалните клиенти/купувачи и клучно при водењето маркетинг во било која компанија или индустрија.

Водењето мејлинг листа со филтрирани купувачи/клиенти е неопходно за секој бизнис, имајќи во предвид дека продажбата е процес и не се случува после една реклама. Потребно е барем 5-6 пати претходно да бидете во контакт со купувачот/клиентот пред да ја донесе конечната одлука за купување.