Во САД во полн ек се одвиваат внатрепартиските избори во Републиканската и Демократската партија. Вкупно 6 кандидати останаа како најсериозни претенденти за најмоќната позиција на светот, и тоа двајца кај Демократите и четворица кај Републиканците.
Многу битен дел од нивната кампања се секако активностите во дигиталниот свет, кои секако се координирани од една централна точка. Тоа се нивните веб сајтови. После моќните кампањи на Обама, каде преку својот веб сајт успеваше да собере милиони долари од донации, кои го сочинуваа поглемиот дел од парите за неговата кампања, веб сајтовите станаа неизбежен и круцијален елемент за кампањата на секој претседателски кандидат во САД.
Ние се обидовме да ги анализираме веб страните на шестмината преостанати кандидати, како од дизајнерски, така и од маркетиншки аспект. Ви ги прикажуваме од најлошиот до најдобриот:
6. Хилари Клинтон
Веб сајтот на Хилари Клинтон е дефинитивно најлошиот од сите 6 кандидати. И тоа може да се заклучи уште на прв поглед. Лоша комбинација на бои, несредена организација на текстовите и копчињата за акција, ужасно лого, непривлечни фонтови. Веб страната на Хилари Клинтон наликува на некој евтин блог направен за два дена. Но, да почнеме со ред:
Прво, небесно сината боја е толку специфична боја што бара посебна комбинација, а во овој случај делува неусогласено. Но и генерално таа боја не е типична и соодветна за политичка акција и кампања. Понатаму, текстот “I’m with her” кој има финкција на копче кое носи до страна за акција, делува толку аматерски и несредено. Логото наликува на знак за болница десно.
Следниот дел од сајтот е уште полош од самиот почеток. Мислите се наоѓате на некој евтин блог за мода и десно сликите кои треба да имаат функција на копчиња за акција, повеќе наликуваат на спамерски реклами кои сите ги одбегнуваат. Генерална оцена од 1 до 5, би рекле двојка, како од дизајнерски аспект, така и од аспект на маркетинг и привлечност.
5. Доналд Трамп
Гледано дизајнерски, сајтот на Трамп и не е толку лош, бидејќи е едноставен, има добра синхорнизација на боите, но недостигаат директни формулари на почетна страна, за вклучување во кампањата. Понатаму, вториот дел е доста сиромашен, со 3-4 поста од лево и 2 видеа од десно. Генерално сајтот делува доста плитко и повеќе наликува на персонален сајт на некоја славна личност, отколку на сајт на претседателски кандидат со програма, видеа, и детали за предложените мерки и политики.
Би рекле оцена 3, иако со малку дотерување, сајтот има потенцијал да постигне поголема моќ и впечаток. Можеби со додавање на директен формулар на почетна и секако повеќе видеа со објаснувања на политиките и предлозите.
4. Џон Кесич
Веб сајтот на Кесич е со модерен изглед и секции кои прегледно ги објаснуваат неговите политики и ставови. Исто така, има соодветна интегрираност со социјалните мрежи, но нема доволно новости и активности на кандидатот на почетна страна, што за некого би било показател на слаба и сенилна кампања, што во случајот на Касич е и навистина така. Делот со новости за активностите, делува неинтересен за читање. Генерално би рекле оцена 4, поради едноставноста и добрата комбинација на бои.
3. Тед Круз
Првата забелешка е тоа што само овој веб сајт е со домејн кој завршува на .org, за разлика од останатите кои се со .com. Домејнот www.tedcruz.com е зафатен од некој друг и има текст со подршка за Обама. Дефинитивно лоша реклама уште од почеток, што остава лош впечаток. Исто така и url-то на почетна е премногу долго и не е оптимизирано за пребарувачите
Како и да е, понатаму сајтот на Круз, остава навистина добар впечаток и го отсликува конзервативизмот на Круз. Логото е одлично и е можеби и најдобро од сите кандидати, на првата страна има можности за оставање емаил и вклучување во кампањата. Јасно се наведени активностите на Круз, неговите политики и ставови и секако тука се видеата на почетна, кои дополнително даваат моќ на сајтот и го дообјаснуваат целиот контекст и програма.
Политичките пораки не изостануваат низ целиот сајт, како и поврзаноста со социјалните мрежи. Сајтот е лесен и едноставен за навигација Генерална оцена од нас е 4.
2. Берни Сандерс
Сајтот на демократскиот кандидат Берни Сандерс, отсликува едно демократско движење каде колективот и луѓето се во центарот, а не кандидатот, како што е случајот со сајтот на Трамп. Сепак на понатамошните страници преку видео пораки и останати фотографии, корисниците може да се запознаат со кандидадот.
Фонтот за текстот (freight-sans-pro) е одличен, а тој за насловите соодветствува со логото кое е игра од името Берни и 2016. Светло сината боја е совршено искомбинирана со останатите бои, како и со фотографиите. Уникатно на сајтот е менито кое се наоѓа на левата страна. Секако тука се и кратките формулари каде секој корисник може веднаш да остави свој емаил и да се вклучи во кампањата, како волонтер или да донира.
Политиките и ставовите се детално и прецизно објаснети со видеа, графици и текстови што остава впечаток на сериозна политичка платформа.
Единствена забелешка би било тоа што на почетна страна нема делови со новости или видеа од активностите на кандидатот, што дополнително ќе му даде моќ на сајтот, кој плени со едноставноста и прегледноста. Наша оцена би била 4,5.
1. Марко Рубио
Според нас, од сите шестмина преостанати претседателски кандидати, најдобар е веб сајтот на Републиканскиот кандидат Марко Рубио. Почетната страна содржи едноставно мени, каде на средина е името на кандидатот, кое е и логото на кампањата. Понатаму формуларот е едноставен, јасен и привлечен со повик за акција.
Веднаш подолу имате листа од 5 видеа, а десно 4 секции со јасни копчиња за акција, со активностите на кандидатот, со можност за донирање во кампањата, како и за вклучување во кампањата. Хувер ефектот врз секциите им дава дополнителна моќ и привлечност. Понатаму се новостите распоредени хронолошки, кои доколку скролате може да најдете скоро се на почетна страна.
Страната каде се објаснети политиките и ставовите на кандидатот за одредени прашања е многу јасна прегледна и едноставна, каде ставовите и предлог политиките се поделени по секции.
Понатаму сајтот е совршено интегриран со социјалните мрежи, но и изобилува со видео содржини, кои се секогаш попримамливи за публиката, отколку долгите текстови. Генерално, оцена 5 за сајтот. Делува најмодерен од сите, има одлично user experience, фонтовите се модерни и одлично вклопени и секако има јасни описи за ставовите на кандидатот, но и повици и копчиња за акција.