Моќта на Визуелната содржина

Ја гледаме секаде. На знаци, на билборди, на автобуси, на Интернет. Исто ја гледаме и на социјалните мрежи, на телевизија и во списанија. Значи буквално таа е секаде и не може да се избегне!

ВИЗУЕЛНАТА СОДРЖИНА. Само по некоја случајност или со силно игнорирање можеш да ја изгубиш од видното поле. Веќе стана толку важен дел од секојдневната комуникација што тешко е и да ја замислиме истата без визуелното. Ефектот кој го постигнува врз човечкиот ум е во помошта да се запомни одредена информација на подолг период, па со помош на само една слика или фотографија информацијата полесно се врежува во твојот ум.

Според многу истражувања, ако човек прими информација ја запомнува 50% помалку отколку што ја запомнува кога истата ја прима со помош на визуелна содржина. Денес луѓето се повеќе употребуваат визуелна содржина во својата комуникација и на социјалните мрежи, а истото е случај и во маркетингот.

И зошто да не?

Голем процент од луѓето и немаат многу време на располагање за да читаат статии (со ретки исклучоци за вакви статии се разбира), па потребна им е помош од визуелен карактер. Така визуелната содржина стана стандардна состојка во маркетинг рецептите. И во тоа безмалку во секој маркетинг рецепт. На пример, еве сакам да дознаам што е круг. Пишувам на Google “What is a circle?”, и ми се појавува ова:

 

circle

 

Доста кул нели? Пребарувањето резултираше со доста очекуван резултат, но сепак имам и дефиниција и визуелна форма едно до друго. Тоа е моќта која ја нуди визуелната содржина!

Погледни ја нашата блог страна. Немаме блог пост без барем една фотографија која визуелно те припрема за она што ќе го читаш и соодветствува со целиот блог пост. Нашето портфолио со видео содржини. Исто повели разлистај го и Водичот Во Дигитален Маркетинг кој го креиравме и ќе видиш како интегрираната визуелната содржина убаво те води низ текстовите и ти помага многу полесно да ја разбереш содржината која ти ја нуди истиот.

Е сега, да ти кажам зошто го правиме сето ова со визуелни содржини:

Визуелната содржина ја зголемува стапката на одговор

Со помош на визуелна содржина многу полесно ќе привлечеш внимание кон твојата содржина и ќе евоцираш емоции. Параграф поддржан од видео, фотографија или графички дизајн повеќе ги ангажира читателите во содржината и тие се задржуваат повеќе време на страницата, затоа што визуелното им ја кажува комплетната приказна.

Презентирање комплексни идеи во поедноставна форма

Комплексните податоци и статистиките знаат да бидат малце здодевни нели? Дури и можат да те збунат некогаш! Со помош на визуелна содржина како на пример инфографик, можеш да го задржиш вниманието на публиката и луѓето полесно ќе можат да ги следат податоците. Со визуелна содржина ти се отвора можност да презентираш многу податоци на концизен и лесен начин кој доста лесно се сфаќа. Комплексните податоци можеш да ги презентираш во вид на:

  • Видеа
  • Презентации
  • Графикони
  • Инфографик

Визуелната содржина раскажува приказна

По не знам кој пат да повториме, сликата кажува 1000 збора! Ова е многу стара изрека која важи до ден денес. Визуелната содржина многу повеќе може да го ангажира човек отколку само текст. Визуелната содржина е лесно разбирлива, и веројатно најдобриот начин да раскажеш приказна. И многу е моќна на социјалните мрежи! Самите социјални мрежи со своите алгоритами многу повеќе ги форсираат и истакнуваат визуелните содржини и со самото тоа достигнуваш до поголем број на публика.

visual content eye

Зголемување на ангажманот на корисниците низ социјалните мрежи

Инстаграм, Снепчет, Фејсбук, Фликр, Пинтерест. Овие социјални платформи најдобро ја имаат сфатено важноста на визуелната содржина. Овие социјални мрежи го променија начинот на кој корисниците комуницираат и споделуваат фотографии. Фејсбук и Фликр се одлични платформи за фотографии но Снепчет го промени начинот на кој луѓето споделуваат и донесоа револуција со споделувањето на кратки риал-тајм видеа и слики кои можат да се споделат со целиот свет.

Се надевам дека со овој блог пост успешно те убедив за важноста и моќта која ја поседува визуелната содржина. Сега оставам на тебе да одлучиш дали ќе превземеш акција околу тоа. Дали како претприемач или како читател кој е спремен да започне бизнис ќе ја искористиш визуелната содржина правилно со цел да ја раскажеш приказната и да ја пренесеш пораката на твојот бизнис?

Следи ме на Твитер: https://twitter.com/TolovskiMartin

Поврзи се со мене на Линкедин: https://mk.linkedin.com/in/martintolovski

You May Also Like

Previous Post
Што значи SEO?
Next Post
Zara – технолошкиот гигант на светската мода (прв дел)