Маркетингот на социјалните мрежи е главна алка во целокупниот дигитален маркетинг. Дури 82% од маркетинг менаџерите ширум светот веруваат дека социјалните мрежи се главната алатка во модерниот маркетинг.
Социјалните мрежи може да донесат голем бенефит и зголемување на клиентите и продажбата. Но сепак, доколку немате добри резултати досега, сигурно правите некоја од следниве 5 најголеми грешки при маркетингот на социјалните мрежи:
1. Целиот фокус е врз вашата компанија и вашиот продукт
Вашиот бизнис треба да решава нечиј проблем. Сите ние кои имаме сопствени бизниси, сме заљубени во нашите продукти и услуги. И понекогаш збориме само за нив. Но, вистината е дека тие продукти и услуги се само средство и алатка за решавање нечиј проблем и потреба.
Секогаш промовирајте го решението кое го нудите и проблемот кој го решавате, а не продуктот или услугата кои ги продавате. Сум видел солидно организирани фејсбук кампањи, но фокусот им бил премногу врз нивниот продукт. Тој пристап е погрешен и не води кон резултати на долг рок.
2. Ги изолирате социјалните мрежи од останатиот дел од целокупниот маркетинг
Маркетингот на социјалните мрежи треба да биде само една компонента од пошироката маркетинг стратегија на вашата фирма. Изолиран само по себе, нема да ги донесе посакуваните резултати. Секогаш кога правите маркетинг стратегија, секој дел од неа треба да води кон поголемата цел, без разлика дали тоа е зголемување на препознатливоста на вашиот бренд, зголемување на продажбата, или зголемување на довербата кај вашите купувачи.
Практично ова би значело да ги поврзете на пример вашата фејсбук страна со вашиот веб сајт. Ставете копче за акција кое од постот на фејсбук ќе води до некоја страна на вашиот веб сајт.
3. Ги игнорирате статистиките
Што функционира за еден бизнис не мора да функционира и за друг. Копирање на стратегија од некој друг, макар и успешен бизнис, не е добар избор. Можеби вашиот пазар е поразличен. Социјалните мрежи нудат цела лепеза на информации и статистики за тоа како корисниците реагираат на вашите постови и објави.
Пронајдете ја популацијата, врз која вашите постови имаат најголем ефект и од кои имате најголем фидбек. Видете во статистиките на кој тип на објави имате најдобар фидбек. Видете во кое време од денот и кои денови опсегот е најголем.
4. Погрешно ја проценувате публиката
Ова е поврзано со претходното. Најважно е прецизно да го знаете вашиот просечен купувач или клиент. Направете лична карта за него/неа. Колку години има? Од кој регион е? Кое образование го има? Кои се негови/нејзини омилени филмови? Кои прашања се најбитни за него/неа? Треба што подетално да го знаете вашиот просечен купувач.
Денес со интернетот, сите можеме да спроведеме барем мало истражување, без да трошиме многу пари. Нагаѓањето и проценките од ракав, најчесто водат кон неуспех. Дефинирајте го вашиот просечен купувач уште денес! Почнете со тоа што ќе кликнете во табот INSIGHTS на вашата фејсбук фан страна. Слични статистики имаат и останатите социјални мрежи.
5. Ја спамирате вашата публика
UNFOLLOW е денес едно од најчесто користените копчиња на социјалните мрежи. Тоа ни помага да ги филтрираме работите што не не интересираат или не замараат. Сепак некогаш дури и вашата публика да е заинтересирана за вашиот бренд и да ја почитува вашата работа, може да кликне unfollow или unsubscribe на вашата страна. Можеби причината е тоа што објавувате 5 пати дневно, или објавувате постојано исти работи.
И овде статистиката може да ви помогне. Истражете кој е степенот на толеранција на вашата публика. Кој е оптималниот број на објави. За некој тоа е еднаш дневно, за друг 3 пати неделно итн.
Понатаму, освежете ги вашите кампањи. Дајте им нов дизајн и нов наратив. Денес работите во дигиталниот свет се менуваат со огромна брзина. Затоа на луѓето бргу им здосадува кога ги гледаат истите работи повторно и повторно.