Неколку лекции за маркетинг од најдобриот продавач во Њујорк

Верувале или не, Џо Адес е милионер кој своето богатство го има заработено продавајќи лупачки за компири на улица, во Њујорк. Џо живее на Авенијата Парк во Њујорк во луксузен апартман. Неговиот успех се должи на неговите извонредни продавачки способности. Ентузијазмот со кој ги привлекува луѓето со цел да им презентира како функционираат неговите лупачки на компири е неверојатен.

Цели 60 години Џо продава лупачки на компири на прометните улици на Њујорк. Можеби за некого е тешко да продаде само едно вакво ноже за лупење компири, моркови, краставици и слично, но Џо продава во просек по 60 дневно. Кои се лекциите кои може да ги научиме од Џо, и како може да ги примениме нив во светот на дигиталниот маркетинг?

Џо има развиено структура и план според кој ги придобива купувачите да го купат неговиот производ. Стенд Ап комичарот и маркетинг гуру, Кевин Роџерс, на брилијантен начин има детектирано 13 чекори во стратегијата на Џо на убедување на купувачите. Чекорите одат по следниот редослед:

1. Запирање на минувачите

Со својот ентузијазам и ведар дух, Џо ги собира случајните минувачи и им ветува дека нема да им бара пари, туку дека само ќе им презентира нешто интересно. Технички тој не им бара пари до целиот крај, туку минувачите на крај, сами бараат да го купат производот.

Вие може да го искористите ова за вашиот бизнис, ветувајќи им нешто интересно на потенцијалните клиенти. Не спомнувајте пари. Покажете дека ќе добијат нешто вредно или во најмала рака, забавно. Доколку работите дигитален маркетинг, тоа може да биде квалитетна статија со интересна приказна.

2. Покажување на репутација

Џо секогаш до него го чува весникот Daily News каде има специјална репортажа и статија посветена на него. Тој и кажува на публиката за неговите учества во популарни емисии на познати американски телевизии.

Во случајот на дигиталниот маркетинг, ова значи да покажете за кого сте работеле, како и да ги наведете препораките од вашите најдобри клиенти.

3. Влегување во акција и презентирање на продуктот

Штом ќе успее да го привлече вниманието на минувачите, Џо веднаш тргнува во акција. Тој сега со уште поголем ентузијазам го презентира неговиот производ. Почнува да лупи компири, моркови, краставици и што уште не.

Во случајот на вашиот бизнис, овој дел би значел кратко видео каде го објаснувате вашиот производ или услуга. Штом посетителите дошле на вашата веб страна, треба да им покажете видео, кое секако ќе биде поставено на страната, со кое највизуелно ќе им го презентирате вашиот производ/услуга.

4. Потенцирање на бенефитите од продуктот

Следно што прави Џо е презентација на бенефитите од продуктот. Тој објаснува како на брз начин може да правите помфрит, кој подоцна може да го комбинирате со вино и да си направите одлична вечера. Гледате само колку визуелно и реално Џо ги презентира бенефитите и решенијата кои ги нуди неговиот продукт.

Многу очигледно, во вашето видео или текст каде го објаснувате вашиот производ/услуга, задржете се повеќе на клиентот, т.е. какви бенефити ќе има тој од вашиот продукт.

5. Користење хумор со цел да се поврзе со публиката

Во овој дел Џо кажа шала на сметка на политичарите. Вие може да го искористите тоа, но внимавајте посебно кај нас во Македонија кога кажувате политичка шала. Можеби е подобро да одите со нешто понеутрално. Како и да е, шалата помага подобро да се поврзете со публиката.

6. Покажување каква е алтернативата

Џо покажува колку обичните ножеви за лупење на компири се небезбедни и неефикасни. Исто и вие можете накратко да покажете, во вашата дигитална маркетинг стратегија, кои се слабостите на вашата конкуренција.

7. Презентирање колку е лесно за користење

Џо им дава на купувачите да пробаат самите колку е лесно ракувањето со неговата лупачка. Во вашиот бизнис ова значи давање можност за бесплатна пробна верзија на вашиот продукт или услуга. Обично овој тест период за различни продукти варира од 7 дена, па се до неколку недели.

8. Откривање на трикот

Додека презентира лупење на морков и правење салата од морков, Џо им кажува трик со 6 парчиња морков, кои се најдобри за лупење. Со тоа тој се поврзува со публиката со тоа што им дава дополнително знаење, но и покажува дека неговата лупачка сепак не е совршена, што го прави него искрен и доверлив продавач. Дадете и вие некој совет за полесно користење на вашиот производ и покажете некоја негова слабост со совет како таа да се подобри.

9. Кажување силни пораки за продуктот

Во случајот на Џо, пораките беа следниве: „Моите лупачки се направени во Швајцарија, а не во Кина“, „Тие се направени од нерѓосувачки челик и не рѓосуваат“, „Безбедни се за миење и никогаш нема да треба да ги острете“…
Ова се ударните моменти каде тој конечно ги убедува луѓето со потенцирање на најсилните карактеристики на неговиот производ. Ова се всушност слоганите на вашиот бизнис, речениците по кои вашиот бизнис е препознатлив.

10. Побивање на сомнежите

На крајот во еден момент Џо вади уште една лупачка и почнува да покажува со неа, велејќи дека таа што лупел не била магична и дека сите лупачки кои ги продава се исто така добри. Со тоа ги побива сите можни сомнежи, дека презентира со добра лупачка, а продава лоша.

Поврзано со ова, вие може да додате на вашиот веб сајт НПП (Најчесто Поставувани Прашања), со што ќе ги решите сите дилеми и сомнежи на вашите купувачи.

11. Давање специјална понуда

Една од исто така важните лекции за маркетинг на најдобриот продавач од Њујорк е давање специјална цена (5 лупачки за 20 долари). Инаку цената на едно е 5 долари. Искористете го и ова во вашиот бизнис со нудење на специјални промотивни пакети.

12. Создавање емоционална потреба, дообјаснета со логика

Конечно на крај, Џо го задава конечниот удар. Тој им вели: „Зошто да купите уште 5 лупачки? Па бидејќи имате 5 пријатели на кои ќе им ги подарите, бидејќи се ближат празници. И верувајте овој подарок ќе биде најкорисен за нив.“

13. Продавање и за време на продажбата

Како што Џо почнува да ги продава првите лупачки, тој сеуште зборува за тоа како тоа ќе бидат најдобрите 5 долари кои купувачите некогаш ќе ги потрошат, како сите се задоволни од неговиот производ итн. И најсилната порака: „Не ги купувате овие лупачки бидејќи се ефтини, туку бидејќи се добри и функционираат!“

Авторот на целата статија е Кевин Роџерс. Оригиналниот текст може да го погледнете на следниов линк

You May Also Like

Previous Post
Респонзивниот веб дизајн, твојот бизнис и Google
Next Post
6 причини зошто е потребно видео за Вашиот бизнис денес