Основната цел на Google, но и на останатите пребарувачи е да обезбедат вредност за корисниците. Што значи тоа? Одговорот е едноставен. Кога пребарувате, најгоре да ги добиете најрелевантните одговори. Поголем дел од промените кои ги прават инженерите на Google во нивниот алгоритам, а кои се околу 1000 во просек годишно, се токму во оваа насока.
Во неколку претходни статии веќе пишувавме дека не постои магичен код кој ќе го внесете на вашата веб страна, и ќе придонесе инстантно да скокнете на првите места на Google. Подобрувањето на рангот на Google е долготраен и макотрпен процес, кој подразбира и познавање од неколку технички детали поврзани со самата веб страна, од кои дел ќе наведеме во оваа статија.
Активирајте https конекција
Http е кратенка за Hyper Text Transfer Protocol и ја означува комуникацијата помеѓу компјутерот (browser-от) на корисникот и веб серверот. Комуникацијата се одвива преку http барање и http одговор. Кога вие впишувате одредена веб страна, вашиот browser (пр. Google Chrome) испраќа http барање до серверот каде е поставена веб страната, а тој сервер назад враќа http одговор со информации за веб страната (HTML file, CSS file, JPG file, JavaScript file, XML or JSON). Комуникацијата може да биде и двострана, кога вие како корисник на пример внесувате податоци за картичка или пополнувате форма.
Разликата помеѓу http и https е во безбедноста на тие информации кои се разменуваат. Кај https протоколот постои енкрипција на податоците преку таканаречен ssl (secure socket layer) сертификат. Таа енкрипција е неопходна особено кај онлајн продавниците, со цел податоците од вашата картичка да бидат целосно безбедни. Https конекцијата денес е многу важен фактор за рангирање на Google. SSL сертификат може да побарате од вашиот хостинг провајдер. Денес тоа е прилично лесно и бесплатно со Let’s Encrypt.
Креирајте профил на Google Search Console
На следниов линк може да креирате профил на Google Search Console и да ги следите перформансите на вашата веб страна. Тука може да ја поднесете и вашата мапа на сајтот, но и да следите доколку се јават грешки на вашиот веб сајт (особено на мобилната верзија).
Креирајте Google Analytics профил
Ние на сајтот на Тивиус, ја користиме Universal Analytics (GA 3) верзијата. Сепак доколку инсталирате Google Analytics после октомври 2020 година, по дифолт ја добивате Google Analytics 4 (GA 4). Преку оваа бесплатна програма на Google, покрај многуте останати работи поврзани со аналитиката ва веб страната, може да го следите и однесувањето на корисниците (behavior flow), каде преку илустрации може многу јасно да видите како се движат корисниците низ страните на вашиот веб сајт.
Ова е одличен параметар за детектирање на вашите популарни страни и креирање стратегија за тоа на кои страни ќе им дадете приоритет во вашата SEO кампања.
Поставете XML sitemap
Мапа на сајтот е листа со сите страни и постови кои постојат на еден веб сајт. Секако во мапата на сајтот може да бидат вклучени и категории, портфолија, огласи и слично. Ние во XML мапата на сајтот на Тивиус ги имаме наведено само страните и постовите, бидејќи токму со тие типови на содржина се натпреваруваме за ранг по повеќе клучни зборови.
XML sitemap се креира прилично едноставно со SEO Yoast plugin. Во работната табла на WordPress, кај SEO > General > Features, штиклирате ON кај XML sitemaps. Потоа кај SEO > Search Appearance > Content Types, може да одберете кој тип на содржина сакате да се прикаже на вашата мапа на сајтот.
Отстранете ја дупликат содржината
Дупликат содржината на вашата веб страна означува повторување на иста содржина два или повеќе пати на различни страни. Дупликат содржината може да влијае негативно на вашиот ранг на Google. Преку веб платформата https://siteliner.com/, која е бесплатна, може да проверите дали вашиот веб сајт има дупликат содржина.
Пронајдете ги страните кои појавуваат ‘404 грешка’
Страните кои јавуваат ‘404 грешка’ се всушност скршени линкови. Тоа се страни кои некогаш сте ги креирале, но подоцна сте го смениле url-то, но сепак скршениот линк останал врзан некаде. ‘404 грешка’ страните влијаат негативно на SEO токму поради тоа што даваат нерелеватни информации за корисниците, а за Google релевантноста и вистинската информација се клучни.
Ние во Тивиус користиме Google Chrome екстензија за пронаоѓање на овие скршени линкови. Штом ги пронајдете, може да ги корегирате линковите или да направите нивно пренасочување кон друга активна веб страна.
Користете 301 пренасочување
301 пренасочувањето е корисно во два случаи: Прво, кога сакате да пренасочите страници кои јавуваат ‘404 грешка’, и второ, кога сакате да комбинирате две страни во една. Во првиот случај причината за пренасочување е јасна и ја објаснивме погоре. Во вториот случај, пренасочувањето е корисно поради спојување на силите за подобар SEO кај страни на вашиот сајт кои се натпреваруваат една со друга на Google. Идејата тука е да имате една посилна страна според ранг на Google, отколку две просечни.
Постои код на Google за како да најдете страници на вашиот веб сајт кои имаат слична содржина: site:https://www.yourwebsite.com/ “keyword”. WordPress plugin кој може да го користите за пренасочување е 301 Redirects – Easy Redirect Manager.
Користете Schema markup
Schema markup (или rich snippets) е код кој што може да го ставите на вашиот веб сајт со цел да им помогнете на пребарувачите да обезбедат поинформативни резултати за корисниците. Schema.org, официјалната веб страна за schema markup, е креирана од заеднички тимови на Google, Bing и Yahoo.
Постојат неколку типови на Schema markup т.е. области каде што може да се користат овие дообјаснувања: статии, локални бизниси, ресторани, ТВ серии и рејтинзи, рејтинзи/оцени на производи, филмови, софтверски апликации, настани, и продукти.
Корисен WordPress plugin за оваа намена е Schema – All In One Schema Rich Snippets. На следнава страна на Google Search Console може да тестирате и видите дали вашите rich snippets се активни и како изгледаат: https://search.google.com/test/rich-results.
Заклучок
Оптимизирањето на секоја веб страна и нејзиното подобрување по ранг на Google е долготраен и макотрпен процес кој бара посветеност, но и одредено ниво на техничко познавање. Во оваа статија се обидовме да споделиме и објасниме неколку технички совети за како да го подобрите рангот на вашата веб страна на Google.
Прочитајте ја англиската верзија од овој пост на сајтот на нашата партнерска агенција од Австралија.