Од маркетинг автоматизација до поголем успех за твојот бизнис

Уште првите претприемачи размислувале и сонувале за системи кои ќе го оптимизираат нивното работење. Маркетинг автоматизацијата е една од реалативно поновите реализации на таа идеја стара колку и самото претприемаштво. Што значи тоа?

Замислете секој ден да морате да ги повторувате истите процеси кои се во насока на остварување на одредена цел во дигиталниот маркетинг, без разлика дали е тоа кампања за поголема свесност за одреден бренд (производ или услуга) или е кампања за поголема директна конверзија.

Сигурно сте се соочиле со овој проблем, кој го консумира вашето време кое може да го посветите на некоја поважна активност поврзана со вашиот бизнис.

Но, и не само времето кое го губите. Целиот процес делува конфузно, нецелисходно и без стратегија. Резултатот е залудно потрошено време, енергија и пари, а резултатите се многу мали.

Што губите ако не користите маркетинг автоматизација

Иако очигледни, сепак е неопходно да се набројат, недостатоците на вашиот маркетинг процес доколку не користите маркетинг автоматизација:

1. Трошите драгоцено време. Наместо да го насочите времето (кое е највредниот ресурс во денешниот модерен свет) кон осмислување на нови стратегии и тактики или кон анализа на аналитичките податоци од вашите маркетиншки кампањи, вие го трошите времето за секојдневни објави на фејсбук, секојдневно пишување емаил билтени, или статии.

2. Не сте ефикасни. Она што произлегува од трошењето на времето е губење на ефикасноста. Без разлика дали сте сопственик на мал или среден бизнис и самите си го водите дигиталниот маркетинг, или сте претставник на дигитална маркетинг агенција која води кампањи за други бизниси, ефикасноста е клучна за вашиот успех.

3. Го губите фокусот од целите на краток и среден рок. Или со терминот кој често го користат економистите станувате преокупирани и преоптоварни од дрвјата и не можете да ја видите шумата. Иако можеби сте свесни за крајната цел (или целта на долг рок), сепак не успевате да ги разграничите целите на краток и среден рок кои се неопходни за да ја постигнете крајната цел на вашиот бизнис или на вашата дигитална маркетинг кампања.

4. Намалена профитна стапка. Знаеме дека ефикасноста значи подобри резултати за помалку потрошени ресурси (време, луѓе, пари). Вие можеби ќе се ангажирате повеќе и ќе ја зголемите продажбата, но времето кое ќе го трошите за маркетинг без автоматизација ќе биде толку големо што ќе ви ги зголеми трошоците (потрошеното време значи пари), а со тоа ќе ви ја намали профитната стапка.

На крај, за секој бизнис, не е важна продажбата, туку профитната стапка. Вие може да имате голема продажба, но и големи трошоци, со што вашата профитна стапка ќе биде многу ниска. Успехот на секој бизнис треба иницијално да се мери според профитната стапка.

Придобивки од маркетинг автоматизацијата

Придобивките се антипод на погоре набројаните недостатоци кои ќе ги имате доколку не користите автоматизација. Значи со користењето на маркетинг автоматизација нема да трошите драгоцено време, ќе ја зголемите ефикасноста на вашата работа и вашите маркетинг кампањи, ќе имате појасен фокус на целите на краток и среден рок со тоа што ќе имате повеќе време да правите неделни и месечни анализи на резултатите, и на крај ќе можете да ја зголемите профитната стапка со тоа што ќе го намалите потрошеното драгоцено време како највреден ресурс на денешницата.

Начини на автоматизација кои секој може да ги примени

Ќе се обидеме да ги наведеме оние начини на автоматизација кои лесно може да ги примени секој сопственик на бизнис или секоја дигитална маркетинг агенција. Можностите за маркетинг автоматизација ќе ги поделиме според маркетинг каналот кој може да се користи.

1. Емаил маркетинг автоматизација

Моментално најпознатата бесплатна платформа (до 2000 емаил адреси) за емаил маркетинг MailChimp, нуди можност за автоматизација на процесот на испраќање на масовни емаил-ови (билтени). Подесувањето е во суштина доста едноставно, кога создавате кампања правите automated campaign и ставате одредени тригери (активатори).

На пример, тригер може да биде зачленувањето на одреден корисник на вашата мејлинг листа, или ако кликне на одреден линк, ако отвори одреден емаил итн. Со помош на оваа можност која ја нуди MailChimp можете да создадете и комплетен sales funnel (инка за продажба). Покрај MailChimp, скоро и сите останати компании кои нудат платформи за емаил маркетинг (Active Campaign, Infusion Soft, MailerLite, SendinBlue, AWeber, и многу други), нудат можности за автоматизација, иако кај повеќето има одреден месечен надомест, кој на крај и се исплати имајќи го во предвид она што го добивате за возврат.

2. Автоматизација на социјалните мрежи

Не должејќи многу овде само ќе наведеме дека фејсбук нуди одлична и бесплатна можност да правите schedule (распоредување) на вашите постови за една недела, еден месец или неколку месеци.

Постојат и специјализирани платформи за автоматизација на објавите на социјалните мрежи, од кои ние како Маркетинг Агенција сме ги користеле Buffer и Postcron. Специјализирана платформа за автоматизација на инстаграм постовите е Later, која за еден профил е бесплатна, а за повеќе се плаќа месечен надоместок.

3. Автоматизација на вашиот блог (статии и ПР текстови)

Доколку користите WordPress како CMS платформа за вашиот веб сајт, релативно многу лесно може да направите schedule (распоред) за постовите и да подесите точен датум и члас кога да се објават автоматски.

Заклучок

Маркетинг автоматизацијата денес е неопходна не само помеѓу маркетерите, туку и помеѓу сопствениците на мали и средни бизниси кои сами си водат маркетинг, бидејќи значително придонесува за заштеда на време, како најважниот ресурс во модерниот дигитален свет и во бизнисот. Маркетинг автоматизацијата е најзастапена во емаил маркетингот, потоа при распоредувањето објави на социјалните мрежи, и при блогирањето (маркетингот преку содржина).