Да зборуваме малку за боја. Повеќето брендови сакаат да имаат уникатна боја, поради која ќе бидат препознатливи.
Помисли Кока-Кола и Пепси. Дали одма помисли на црвена и сина боја? Или FedEx Ground и FedEx Express. Тие се едни од најдобрите примери. Имаат постигнато нешто што многу малку компании го имаат постигнато, а тоа е да бидат препознатливи според определена боја и да се поистоветуваат со неа. Но тоа не се должи само на изборот на боја (затоа што милиони компании имаат одбрано црвена или сина боја), туку на напорна работа, многу истражувања и конзистентност која трае со децении.
Но како до одбирање на вистинската боја? Овие совети подолу се само почеток:
РЕЗОНИРАЊЕ СО ПУБЛИКАТА
Потрошувачот треба да се чувствува удобно во текот на целото корисничко искуство кое му го нудиш како бренд. На пример, ако таргетираш постари потрошувачи, тогаш можеби не ти е паметно да користиш многу шаренила и бои со неонски тон од 80-тите. Но палетата со бои се шири кога работиш со помлада публика. Има и компании (Фејсбук) кои работат со една боја и се доста неутрални, па секоја можна опција на социјалната мрежа е прегледна и разбирлива.
Но, немој да се плашиш и да скршнеш од конвенционалниот пат. Повторно сети се на Кока-Кола и нивната кампања со Zero пијалокот, чија етикета е со црна позадина и црвен натпис на брендот. Ова емитира поголема смиреност кај потрошувачите а во исто време и одлично го опишува производот како пијалок со помалку шеќер и калории.
Скршни од конвенционалното и играј си со боите. Ќе се изненадиш колку публиката ќе го прифати тоа, особено помладите.
ОПФАТИ ЕМОЦИИ
Што значи една боја? Како е таа поврзана со твојот бренд? Кои емоции ги поттикнува кај потрошувачите и зошто? Се работи за психологија на боите за која ќе зборуваме во некоја од следните статии. Се работи и за култура, на пример дали некои бои треба да ги избегнуваш во зависност од тоа каде е лоциран твојот бизнис или која боја повеќе би и се допаднала на твојата целна група?
И тука има простор за поместување на границите, но се зависи од нивото на комфорт кое го имаш. И секако нивото на самодоверба.
ОДВОЈУВАЊЕ ОД КОНКУРЕНЦИЈАТА
Веројатно најтешкиот дел од одбирањето на боја за твојот бренд.
Бојата не е единствената интеракција која потрошувачите ќе ја имаат со твојот бренд. И ако и сите други брендови од твојата област ја одбрале истата боја, не значи дека ти не треба да ја одбереш! Туку треба да го направиш она што е најдобро за твојот бренд. Чист пример за ова се технолошките компании на пример IBM DELL SAMSUNG и други. Само погледни ја фотографијата подоле и се ќе ти стане јасно за сината боја:
Како што можеш да видиш, можеш да се има потполно иста боја и со останатите брендови, и пак да се биде уникатен.
ШТО ПОСЛЕ ОДБРАНАТА БОЈА?
По дефинирањето на клучната боја која ќе ја користи твојот бренд, исто како во дизајнот, се прави хиерархија на боите и на елементите кои ќе ги содржат тие бои. Прво, се дефинира основната боја. Потоа, се одредува и палетата на бои кои ќе ја поддржуваат основната боја а кои ќе бидат распространети низ твоите производи, веб-сајт, лого итн.
Тимот кој ќе работи на дизајн на твојот бренд најубаво ќе ги распореди и ќе ги употреби боите.
Бојата е важен и неизбежен дел од идентитетот на еден бренд. Сакаш боја која ќе резонира со публиката, која ќе ги опфати емоциите на брендот, и која ќе те одвои од конкуренцијата. Не е лесна задача. Но бојата е само дел од приказната на твојот бренд. Служи само за да биде забележан брендот, и да почне да се раскажува, а приказната која ќе се раскажува треба да биде препознатлива.