Отворено писмо до Марк Зукенберг

(Писмото е поврзано со оваа изјава: https://www.facebook.com/zuck/posts/10104413015393571)

– Ти текнува ли Марк Зукенберу она како мал кога ќе го чуеше ѓевречарот како вика: “Ајде тооплии“.
Па земаше 10 мкд од дома и истрчуваше надвор за да го стигнеш и да си купиш ѓеврек.
Епа тоа викањето на ѓевречарот е всушност маркетинг.

Исто е и со продавачот на лубеници кога урла од тракторот: “Ајдееее бостан!11“; или припадникот на ромската популација кога вика: “Стаааро купуем, старооо!“

Колку погласно викаат, поголема е веројатноста да ги слушнат и од поодалечените куќи и поголема бројка на продажба да остварат.

Со воведувањето на фејсбукот онаков како што го знаевме до сега се отвори можност и помалите бизниси да допрат до поголема публика (да „викнат“ погласно) со помали трошоци за маркетинг.
Индивидуалци си менаџираа сами фејсбук страни. Сликаа со камерите од мобилните, пуштаа по некој долар и допираа до голема публика. Барем во Македонија ова функционираше.

Можеби беа мали сумите кои се издвојуваа преку овој канал на маркетинг, но тие преку фејсбук градеа бренд и се пробиваа на пазарот во трка со големите компании.
Тие инвестираа во овој модел, и ти оддеднаш сето тоа им го пушташ низ вода.

[Тука мислам на локално дуќанче, мало козметичко студио, кафичи, бутици, невладини организации, мајстори на мебел, сервисери и многу други.]
Со идејата за промена на алгоритамот на фејсбук, сите нив ќе ги фрлиш во сенка.

Или во превод, доколку некој има страна од 1.000 следбеници, објава ќе им ја прикажеш само на 5-6 луѓе.

За споредба, големите компании и онака даваа големи суми на маркетинг агенциите за промоција преку телевизиски медиуми, веб платформи, Google Ads, SEO оптимизација (при пребарување на Google твојот бизнис да се наоѓа меѓу првите страни),YouTube реклами, билборди, печатени материјали, радио објави,E-mail маркетинг, LinkedIn, списанија, каталози, герила акции и многу други (генерално доста поскапи од Facebook рекламирањето).

Од една страна јас како давател на услуги од маркетинг сферата со оваа одлука би имал доста поголеми привилегии. Поголема е веројатноста вака сега на површина да избие стретегиското водење на маркетинг. Со конкретно дефиниран маркетинг план.
http://bit.ly/2CXwDqe

Преку креирање на бренд (лого, визит карти, флаери, брошури, каталози); Изработка на студиски фотографии со сетови со презицно поставени светла; Креирање на презентациски видеа со квалитет соодветен за TV емитување, Vimeo, Youtube.
Понатаму преку креирање уникатен простор на интернет (веб страна) и оптимизација за да излегува одреден бизнис понапред од конкурентниот при пребарувањето..

Но од искуство знам дека тој процес не може да си го дозволи секој.

Затоа што квалитетниот маркетинг бара истражување на пазарот, анализа на конкуренцијата и континуитет во работата.
И како сублимат од тоа, резултати ќе имаат само оние кои ќе можат да ангажираат маркетинг агенција да им го води маркетингот.
Но времето и енергијата за таквото менаџирање чини пари http://bit.ly/2FtrtUR

Времето на водење човек – маркетинг завршува тука.

Но биди уште малку тука.
Од друга страна сепак јас сум и конзумент на добра и услуги.

Што ми е поентата?!

Конкуренцијата на пазарот е секогаш добра да постои.
Таа предизвикува бизнисите да се натпреваруваат со квалитет.
Им дава подеднаква можност на сите да се натпреваруваат за поголем удел на пазарот. Што воедно е и добра основа за мотивација бизнисите да бидат услужливи и да нудат квалитет.

Но, види Зуки, не е фер да им ги скратиш можностите на малите бизниси кои немаат можности и средства да си најмат маркетинг агенција и да даваат многу пари на спонзорирани објави. Со оваа твоја одлука, ти директно ги помагаш големите компании да станат уште поголеми, а им ги сечеш кријлата на оние малите.

Но твој е ѕидот.
Фарбај го како сакаш.
Чепкај се во кодот колку сакаш
http://bit.ly/2mxfa1L

Но знај, за многу нови мали бизниси ова може да значи крај http://bit.ly/2CZ5oMk

П.С.

И на крај ти ја сфаќам идејата. Целиот тој концепт како сакаш да изгледа почетната на фејсбук.

Ти ги гледав презентационите видеа. Искрено, изгледа супер тоа што го прикажуваш.
Општество на утопија. http://bit.ly/2Dp6kKI

– Друштво како игра одбојка на песочна плажа на Бали. Друго друштво како скија на скијачкиот центар Гармишпартенкирхен. Трет, лета со параглајдер и си прави селфи, па долу му коментираат роднините и пријателите: “Dude, you’re awesome!”, “We love you son!” и сл. http://bit.ly/2Dp5jSY

Од перспектива на милијардер така ги доживуваш работите. Но од перспектива на останатите милијарда други луѓе во светот тој Life Style е незамислив.

Не им ја крати можноста на претприемачите почетници, на малите бизниси, добротворните организации, и останатите талентирани групи да создаваат вредност и да ја презентираат пред светот.
Не им ја крати!

Јас незнам дали позади оваа одлука стои некаков политички притисок (знаејќи како фејсбукот отвори можност за многу револуции во земјите во развој во Африка и на Блискиот Исток кои долго време беа под диктатури), или можеби е твоја самостојна луда идеја (за што искрено не верувам), но без разлика оваа твоја одлука е во прилог на силните, богатите и моќните корпорации и влади, а им штети на малите, слабите и посиромашните да го кажат погласно својот став и да го понудат и својот производ/услуга на пазарот.

Затоа оваа твоја одлука ќе биде запишана во историјата како одлука која им ја скрати слободата и моќта на обичните луѓе во светот.

Искрено,
Александар Ѓелевски
видео продуцент, фотограф, графички дизајнер
Основач и Управител на Тивиус Продукција

Коментари

kоментари