Наместо со Новогодишна честитка, ние од Тивиус решивме Новата 2020-та да ви ја честитаме со една статија. Статија каде ви го презентираме нашето искуство, акумулирано изминативе неколку години работејќи веб дизајн за клиенти како од Македонија, така и од странство.
Велат дека најдобро се учи, не во училница или преку туторијали, туку преку акција. Преку директна работа на проекти и правење грешки. Тогаш нашиот мозок ги учи најдобрите лекции и акумулира мудрост.
Веб дизајн почнав да учам од, прво бесплатни, а подоцна и платени онлајн курсеви, некаде летото 2015-та година. Паралелно со учењето, веднаш почнав да работам на редизајн на веб страната на Тивиус. Претходната верзија на оваа. Подоцна, некаде во август, веднаш почнав со редизајн и на веб страната на Квантум Прима. Дизајнот е сеуште истиот тој што го креирав тогаш.
1. Најдобро се учи од акција и работа на реални проекти
Ова е првата лекција која ја научив. Предизвиците со кои се соочуваш, и роковите кои ги имаш, кога работиш на некоја веб страна, те притискаат побрзо да најдеш решение. Тогаш се учи најдобро. Тогаш се расте најбрзо.
Доколку не можете веднаш да најдете клиенти, работете на веб страната на некоја добротворна организација, или пак направете бесплатно веб страна на маалското дуќанче (некој кој нема можеби пари да си плати за веб дизајн). Целта е да учите побрзо, и плус ќе направите добро дело. Но, немојте бесплатно да правите веб страна за некој кој има пари, но сака само да ве искористи.
2. Веб дизајнот е постојано учење
Баш кога ќе помислите дека знаете да направите скоро секаква веб страна, со мултидимензионални функционалности, ќе се јави клиент кој што ќе побара нешто што не сте го ни помислиле дека постои. Затоа, учењето е континуиран и паралелен процес со самата работа на изработка на веб страни.
3. Важна е забавата и љубовта кон работата
Се сеќавам како на почетокот со Мартин ги скициравме првите веб страни седејќи на кафе во некоја од локалните кафетерии во Кавадарци, и со расфрлани листови правевме нацрт план за дизајнот. Можеби за Скопје тоа не е нешто невообичаено, но за Кавадарци сигурно е однесување надвор од нормите на стандардната кафе шема. Претпоставувам за другите било чудно, но ние не се грижевме толку. За нас поважна беше забавата и уживањето во работата.
4. Клиенти нема да има секогаш, особено не на почетокот
Ако сега, клиентите за веб дизајн, ни се резервирани барем за месец до два однапред, имаше моменти кога воопшто немавме клиенти. Тоа не значи, дека треба само да чекате и да бидете доволно трпеливи и клиентите ќе дојдат самите кај вас. Тоа едноставно нема да се случи. Треба повторно да преземете акција.
Ние направивме долгорочен план и стратегија со инвестирање во SEO (Search Engine Optimization). Денес околу 70% од клиентите за веб дизајн ни доаѓаат токму како резултат на оваа маркетинг инвестиција. А таа инвестиција чинеше 0 денари. Но, чинеше многу време и работа.
Денес, по многу клучни зборови поврзани со веб дизајн, нашата компанија излегува меѓу првите резултати на Google. Како го постигнавме тоа. Знаете дека постојат околу 200 променливи кои влијаат врз рангот на Google на една веб страна. Ние ги проучивме клучните променливи и започнавме со работа. Прво, интерно ја оптимизиравме нашата веб страна. Континуирано пишувавме статии во секцијата блог. До денес имаме напишано сигурно над 50-60 статии. Потоа градевме backlinks. Како работевме на сето ова, растеше авторитетот на нашата веб страна во очите на Google. Несомнено таа инвестиција се исплатеше.
А инпутот во инвестицијата беше нашето време, кое тогаш го имавме во изобилие, и секако нашата креативност.
5. Не ја спуштајте цената
Знам дека, кога немаме доволно проекти, понекогаш знаеме да ја спуштиме цената до ниво до кое реално не вреди нашиот вложен труд. Убедувајќи се дека ова е само за да набилдаме портфолио, правиме клучна грешка. Подобро направете ја веб страната целосно бесплатно, отколку да ја направите за некоја минимална цена. Во тој случај, недоволно мотивирани ќе ја комплетирате веб страната, но не со таков ентузијазам, како кога би биле задоволни од цената. И резултатот е секогаш многу лош. Така не се постигнува раст.
Кога гледам денес реклами за изработка на веб страни за 100 евра, знам дека тие нема никогаш да излезат од тој круг на одржливост. Наједноставната веб страна, со готов WordPress template и направена за 3 дена не вреди 100 евра. Помислете на сиот труд кој сте го вложиле да научите веб дизајн претходно.
6. Еднаш клиент, секогаш на линија
Доколку сметате дека, штом направите веб страна за клиент повеќе нема и не треба да имате комуникација со тој клиент, сте се излажале. Секогаш очекувајте повик за тоа дека нешто се јавило на страната. Или мапата не функционира или се јавил некој конфликт, и сл. Веб страната е активен организам. Посебно ако е WordPress, постојано бара update на темата, додатоците итн. Да не зборувам за хостингот и безбедноста.
Затоа сфативме дека е најдобро да ставаме некоја фиксна годишна сума за генерална одржавка, во случај да се јави некој конфликт помеѓу додаток и тема или некој безбедносен проблем.
Но, одржавка во смисла на секојдневно менување слики и текстови, не прифаќаме, освен во многу ретки исклучоци кога не се бараат повеќе од 2-3 промени месечно. Доколку прифатите таков тип на одржавка ќе се заробите со само 2-3 клиенти.
7. Одберете квалитетен хостинг провајдер
Нашиот избор за хостинг провајдер беше и остана Siteground, со тоа што веб страните на нашите клиенти ни се поставени на сервери во Амстердам, во сопственост токму на оваа компнија.
Хостинг компанијата ќе ви биде вашиот најголем сојузник кога ќе се соочите со безбедносни напади или покомплицирани барања на клиентите. Токму затоа ви е потребен хостинг кој ќе ви нуди 24/7 подршка и 30 дневен бекап (backup) на сите веб страни. На следниов линк може да резервирате некој од нивните хостинг пакети.
8. Бидете внимателни со мејловите
Ова е една од потешките лекции кои ги научивме. Мејловите се клучни за клиентот и секое нивно нефункционирање може да влијае негативно врз нивната тековна работа, а со тоа и врз вашата репутација.
Проблем најчесто се јавува кога редизајнирате веб страна и ја мигрирате од еден на друг хостинг. Тогаш треба да ги мигрирате и мејловите, или пак клиентот може сам да си ги симне мејловите, а вие одново да ги креирате емаил адресите на новиот хостинг. Сепак тука е периодот на пропагација кој може да трае понекогаш и до 48 часа, и во тој период мејловите не функционираат.
Така, мој совет е, доколку клиентот мора да има 24/7 функционални мејлови, е да му предложите мејловите да останат на постоечкиот сервер, а да ги насочите само А рекордите кон новиот. А рекордите се однесуваат само на веб страната.
Или пак, наједноставно хостирајте ја веб страната на постоечкиот хостинг на клиентот и тука сте најбезбедни од аспект на нефункционирање на мејловите.
Втор проблем поврзан со мејловите се јавува, доколку клиентот инсистира тие да се поврзат со Outlook. Поврзувањето е едноставно, но бидејќи Outlook е надворешна апликација можно е да има застој во праќањето и примањето мејлови. Затоа им објаснуваме на клиентите дека најдобро е да користат или Webmail (кој искрено има лош интерфејс) или ги советуваме да се поврзат со G Suite, кој е во сопственост на Google.
Трет проблем се јавува доколку испраќачките мејлови одат во спам фолдерите на тие што им се испратени. Во тој случај, ви е многу битна подршката од хостинг компанијата со цел да ви помогне да се детектира проблемот, кој понекогаш знае да биде и до самиот клиент, доколку неговите емаил активности предизвикале да биде ставен во кошот на потенцијални спамерски фолдери.
И четврт проблем е безбедноста и можноста за злоупотреба на мејловите. Заштитете ги со додавање SPF и DKIM рекорди. Сетинзите за нив се наоѓаат во фајлот Advanced DNS Manager во контролниот панел на хостингот.
9. Редизајн или нова веб страна, мигрирање или работа на постоечки хостинг
Ова се првите прашања кои треба да ги одговорите со клиентот. Тука се секако прашањата поврзани и со домејнот, при што ние инсистираме домејнот да си биде во посед и да си го обновува самиот клиент, а ние да се грижиме за хостингот.
Од искуство, редизајнот е секогаш покомплициран отколку изработката на нова веб страна. Особено комплициран редизајн е кога клиентот има неколку десетици постоечки страни и стотици постови, артикли и слично. Тогаш треба да видите како менувањето на темата ќе ги промени страниците и постовите. Понекогаш старата и новата тема се целосно некомпатибилни и користат различен builder, со што дополнително ви се отежнува работата.
Затоа мој совет е секогаш редизајнот да го наплаќате повеќе, бидејќи бидете сигурни дека ќе се судрите со многу повеќе проблеми отколку креирањето на комплетно нова веб страна.
Многу често клиентот преферира постоечката страна да му биде активна додека работите на новата. Тука имате неколку опции. Првата опција е да работите на локален сервер (Xampp, Wamp и сл.), но ќе се судрите со проблем доколку треба да инсталирате премиум тема која е тешка. Ние секогаш преферираме да работиме онлајн на друг домејн, а подоцна да ја мигрираме страната на нивниот првичен домејн.
10. Создадете систем со прашања
Ефикасноста е клучна во секоја работа, а особено во бизнисот. Ние создадовме систем на комуникација со што на почетокот на клиентите им ја испраќаме оваа форма за резервација, каде тие треба да одговорат на неколку прашања поврзани со веб страната. Понекогаш овие прашања ги поставуваме на состанок во живо. Како и да е, важно е да ги знаете правите прашања.
Создадете систем и за дефинирање на дизајнот. Ние обично на почетокот на клиентот им праќаме неколку темплејти или пример од други веб страни со цел да процениме што е тоа што очекуваат од дизајнерски аспект. Доколку се договориме со клиентот и самиот проект има поголем буџет, тогаш правиме скица на сајтот или во Adobe Illustrator или преку Figma.
11. Научете да користите софтвер за FTP (File Transfer Protocol)
Само како пример, Македонски Телеком нуди хостинг пакети, но за мое изненадување сфатив дека немаат c panel (контролен панел). Имав неколку клиенти кои имаа веќе закупено хостинг простор таму, па морав преку FileZilla, “рачно” да инсталирам WordPress. Не е комплициран процес, но одзема повеќе време, и е пожелно да се научи.
12. Пожелно е да знаете барем малку html и css
Колку и да има темата опции за кастомизација, секогаш ќе има некој мал проблем со логото на мобилната верзија или некој друг проблем кој ќе мора да се среди со custom html или css.
Секако одлично е доколку знаете и javascript, во случај да затреба да се искодира дополнителен додаток (plugin) кој не постои. Ние по потреба, и во зависност од барањата на клиентот, ангажираме javascript програмер за креирање custom додатоци.
13. Инвестирајте во премиум теми и додатоци
Досега имаме инвестирано преку 1.000 евра за премиум теми и додатоци, најчесто купени од ThemeForest. Секогаш инсистираме да работиме на премиум тема. Верувајте сме заштедиле и пари и време и нерви, отколку да користевме бесплатни теми.
14. Ограничете ги забелешките
Сите сме имале клиенти, каде забелешките траат со месеци и на веб страната се работи исто така со месеци. Ние во договорот со клиентите, јасно наведуваме дека клиентот има право на 2 пакети на корекции на финалната верзија на сајтот, кои се јасно опишани и наведени во word документ.
15. Погрижете се за безбедноста
100% никогаш не може да ги заштитите веб страните од напади, најчесто од brute force attack, но може да преземете мерки за заштита. Задолжително инсталирајте Wordfence и Anti-Malware. Повремено скенирајте ја веб страната при што кај Directory Scan Depth ставете -1 (infinite depth).
Понатаму, хостингот игра клучна улога во безбедноста. Ние секогаш ја имаме подршката на Siteground, кој многу често ни помогнал во ситуации со напади.
Особено ланската година, некаде септември 2018, имавме напади при што во фајловите index.php, wp-config.php и wp-settings.php (кои се базични фајлови на WordPress-от), имаше инјектирано заразен код, кој ни пренасочуваше одредени страни. По двомесечна борба ја добивме војната, и сега како чекор на претпазливост, пермисиите на тие фајлови ни се 6 4 4, наместо 7 6 4.
16. Не срамете се да го презентирате во јавноста тоа што сте го сработиле
Скоро како по правило, секогаш кога објавуваме на социјалните мрежи за некоја комплетирана веб страна, се јавува друг клиент кој сака слична веб страна.
Освен во случај доколку немате конкретен договор со клиент, кој ви забранува да ја објавувате веб страната, секогаш користете ја комплетираната веб страна како маркетинг алатка за нови клиенти.
Наведете кои перформанси ги има веб страната и за кој клиент е направена. Доколку сте во можност, објавете и тестимониал од задоволниот клиент (секако доколку е навистина задоволен).
Ние на сајтот на Тивиус имаме посебна страна, каде може да погледнете некои од подобрите веб страни кои ги имаме изработено до сега.