Трендови во фејсбук маркетингот за 2020

Минатата година изобилуваше со текстови и статии, каде се предвидуваше падот на корисниците на фејсбук. Најновите податоци и извештаи тоа целосно го побиваат. Фејсбук постојано расте, според бројот на нови корисници и моментално има 2.5 милијарди активни корисници или 32% од светската популација активно користи фејсбук.

Ова само покажува дека фејсбук не губи во популарност и интерес, иако добива силна конкуренција од Инстаграм кој е исто така дел од Фејсбук корпорацијата, но е позастапен кај помладата публика. Но, за тоа во друга прилика.

Денес во оваа кратка статија ќе ги анализираме најновите трендови кои се поврзани со фејсбук маркетингот за 2020та година. Имплементирањето на овие трендови во вашата маркетинг стратегија, ќе ви помогнат подобро да го промовирате вашиот бренд и производи/услуги и секако во крајна инстанца да ја зголемите продажбата.

Но, да почнеме со ред. Кои се најголемите трендови кои ќе бидат основни за секој бизнис кој користи фејсбук маркетинг.

Chatbot маркетинг

Ова не значи едноставно апликација која ќе се грижи навремено да одговара на пораките на вашата публика. Chatbot маркетингот нуди многу повеќе можности кои може да ја подобрат вашата продажба. Се прашувате како?

Користејќи го Chatbot-от како дел од целокупниот канал за продажба, создавате ефикасен систем кој може повеќекратко да ја зголеми продажбата на вашите производи.

Само како пример, пред отприлика еден месец започнавме маркетинг кампања за медот Флорео, каде директно вклучивме chat bot во каналот за продажба. Како lead magnet поставивме изненадување, а за први да добијат известување за изненадувањето, корисниците/купувачите требаше да искоментираат „флорео“. По коментарот, автоматски им се испраќа секвенца од неколку кратки пораки, каде во зависност од нивниот одговор, chatbot-от им одговара.

Одговорите автоматски влегуваат во софтверот и подоцна, сите тие потенцијални купувачи први ќе добијат известување за изненадувањето. На овој начин, сме создале топли лидови и потенцијални купувачи.

Видео маркетинг

Видео маркетингот е неверојатна можност со многу мал инпут да постигнете одлични резултати. Видеото објаснува, убедува и продава многу подобро споредено со сите останати содржини на фејсбук.

Самиот фејсбук, кој е во „војна“ со YouTube за внимание, ги поттикнува и им дава дополнителна виралност на видео содржините. Фејбук цели да го земе приматот од YouTube за гледаност на видеа, и прави се за да ги промовира видео содржините на ѕидот на корисниците. Вие како бизнис, имате можност да добиете многу од таа борба.

Со мала инвестиција, видео маркетингот е дефинитивно најисплатливата кост-бенефит алатка и брзорастечки тренд во фејсбук маркетингот за 2020та.

Facebook stories

Уште една одлична можност да допрете до вашата публика, особено до помладата. Иако не толку популарни како Instagram stories, Facebook stories стануваат се повеќе популарни од две причини.

Првата причиина е промената на алгоритамот на фејсбук (по којзнае кој пат 🙂 ), каде се намали органскиот опсег на постовите на ѕидот. На сметка на тоа, сторињата добија на интензитет.

Втората причина е човековата љубопитност. Изминатива година се случи промена на навиката на објавување кај корисниците, при што за разлика од претходно, сега се помалку се објавува на ѕидот, но се повеќе приватни работи од нашите активности се објавуваат на сторињата. Отворете stories и може да следете цели животни приказни на луѓето, од тоа што јадат денес, каде патуваат, со кого се забавуваат итн.

Овој тренд во 2020-та експоненцијално ќе се зголеми. Така што, доколку имате бизнис, направете стратегија како ова да го искористите во ваша полза.

Микро-инфлуенсер маркетинг

Поентата и главната придобивка од микро-инфлуенсер маркетингот е конекцијата која ја имаат микро-инфлуенсерите со својата публика. Прво тоа се луѓе кои немаат којзнае колку голема публика, но имаат публика и следачи кои се ангажирани, заинтересирани и се фокусирани во одредена специфична област.

Пример микро-инфлуенсер/ка кој/а објавува постови во областа на здрава храна, можеби нема 100К следачи, но тие кои ја следат се повеќе заинтересирани за здравата храна. Доколку вашиот производ е поврзан со здрава храна, можеби вреди да размислите да го/ја ангажирате.

Прецизно и таргетирано спонзорирање

Моќта на прецизното таргетирање кога пуштате кампањи од фејсбук, се зголемува со се поголем интензитет. Специфицирајте ја публиката што е можно повеќе. Публика од 700.000 луѓе на ниво на Македонија е лоша таргет публика. Секогаш кога таргетирам, целта ми е да дојдам до бројка од максимум 100.000-150.000 потенцијални луѓе. Фејсбук нуди одлична опција за narrow audience.

Суштината е да максимизирате од потрошените пари. Принципот на „сачмарка“ заврши. Се повеќе доаѓа времето на „снајпер“ маркетинг. Микро-таргетирањето е иднината на дигиталниот маркетинг. Секоја личност си има сопствени специфични потреби, проблеми, барања, соништа, желби. Вашиот бизнис треба да ги пронајде и да понуди решение на дел од тие потреби и желби на луѓето.

You May Also Like

Previous Post
Што научив од досега изработени 50 веб страни…
Next Post
Перцепцијата е реалност. Како бизнисите да се изборат со стравот?