Blagoj Gjelevski digital marketing

Верувај му на она што ти дава смисла и прифати го за твој водич!

Пред две години на еден настан во Торино ги цитирав овие зборови на Јунг: „Верувај му на она што ти дава смисла и прифати го за твој водич“, во контекст на иднината на маркетингот и она што ќе значи основа на новите трендови во маркетингот.

Далеку од тоа дека имав некаква визија или гледав во иднината, туку едноставно стотици статии и постови веќе го најавуваа тоа. Заклучокот беше јасен: Иднината на маркетингот ќе конвергира околу она што дава смисла, значење и вредност.

Токму пред неколку недели, во овој контекст, основачот на Фејсбук – Марк Зукенберг, во свој пост најавувајќи ги промените во алгоритамот на Фејсбук, потенцираше дека Фејсбук приоритет ќе им дава на објавите и постовите кои поттикнуваат “meaningful conversation”.

Со тоа директно најави дека фејсбук ќе го промовира квалитетот, наспроти квантитетот. Или она што дава смисла и поттикнува дискусија, ќе биде дополнително наградувано со органски опсег, за разлика од илјадниците постови, информации и објави, кои не поттикнуваат таква вклученост.

Иако многумина го критикуваа Зукенберг (во најголем дел и со право), сепак одлуката на основачот и сопственик на најголемата социјална мрежа во светот имаше логичка и основана подлога.

Напливот од лажни вести, илјадниците препишани и копирани објави, копирани фотографии и видеа реобјавени по 1000 пати…. се тоа создаваше една социјална средина на „безначајна врева“, како што ја нарекуваше еден пријател од Бостон.

Влијанието на лажните вести и врз политиката и особено врз резултатите на многу избори беше дополнителен аларм дека нешто во алгоритамот на фејсбук мора да се менува.

Но, и како  секоја друга работа во животот, и оваа има и позитивни и негативни страни. Од една страна ќе се поиттикне квалитетот наспроти квантитетот и ќе се сузбијат донекаде неквалитетните објави, но можеби ќе им се скратат можностите на многу мали бизниси и непрофитни организации кои досега преку фејсбук имаа можност да се промовираат.

Прашањето кое се поставува е дали на овој начин тие нема да бидат дискриминирани на сметка на големите компании кои имаат огромни буџети за спонзорирани содржини?

Но, размислувајќи подлабоко, доколку помалите играчи на пазарот понудат уникатност, квалитет и вредност, можеби…. можеби оваа промена во алгоритамот на фејсбук ќе им биде од полза наместо да им прави штета.

Мотото сега е: „Play smarter, not harder!“

You May Also Like

Previous Post
Зошто е добро да имаш сопствена е-продавница?
Next Post
7 Основи на Дигиталниот Маркетинг за 2018